Кадаре, беса, Ахмети

Може ли да заборават, на пример, Али и Таљат дека еднаш, со еден таен мајски договор му дале збор на пастир Никола? Дека, потоа, кога се нашле на маки пастир Никола и Трајко многу им помогнале преку „автентично толкување“ на закон за амнестија? Дека, кога се нашле во друго, потесно тесно под притисок на „меѓународниот фактор“ тие му свртиле грб (погазиле збор!) на пастир Никола за да му покажат убаво лице на коалициониот Зоран Заев? Дека, најпосле, тие при полна свест погазиле и згазале збор според кој света работа е да прават влада победнички партии во македонскиот и албански политички блок?

992

Во кус коментар кон својот роман „Залез на степските богови“ (1981) Исмаил Кадаре, најкрупна фигура на модерната албанска култура, вели дека дадениот збор – „беса е нешто апсолутно“ . За да го појасни што поточно разбира под „нешто апсолутно“, Кадаре прибегнува кон една сликовита споредба. Ако „даб погази даден збор“, додава, „неговите гранки почнуваат да  се сушат.“

Таа беса, тоа „нешто апсолутна“ игра клучна улога во романот „Залез на степските богови“, еден роман со силни автобиографски црти. Романот зборува за млад човек (24 год.) кој во 60-тите години на минатиот век доаѓа во Москва да го усоврши својот уметнички занает на Институтот Горки. „Месото“ на тој роман или неговата видлива структура е една сентиментална драма со Лида Снегина (Снегина на Есенин!), аферата со Борис Пастернак и неговиот роман „Доктор Живаго“, избивањето на епидемијата сипаници во глваниот град на тогашниот СССР и раскинот на Тирана со Москва по што јунакот на романот е принуден да се врати во Албанија на Енвер Хоџа.

Скелетот или длабинската структура на тој роман е една од „најубавите легенди“ на Балканот, онаа за загинатиот Константин кој не може да го одржи дадениот збор (беса) на својата мајка. Иако не по своја вина. Таа се противела нејзината ќерка Дорунтеа да се мажи за човек од „зад девет планини.“ Нејзиниот син и ветува дека ќе ја довде „на гости“ кога ќе побара. Тоа и го прави така што станува од гроб во кој се враќа откако го исполнува својот зададен збор. Како што кај Мопасан љубовта е „посилна од смртта“, така и кај Кадаре зададениот збор (беса) е посилен од смртта. Со таа мошне важна разлика што кај Мопасан станува збор за силата на основен порив (eros) над кој нема власт разумот, а кај Кадаре, напротив, гласот (ethe: карактер, должност или морал) на тој разум е посилен од поривот љубов, како што е посилен дури и од смртта.

Има еден, на прв поглед, мал детаљ во романот на Кадаре кој прави суштинска разлика меѓу легендарниот Константин и јунакот од  неговиот роман. Ако за првиот беса е посилна од смртта, за вториот таа, како „нешто апсолутно“, ни не е од овој свет. И затоа недостижна! Токму онака како во „Протагора“ на Платон: секој може да стане еден добар, морален човек, но не и да остане тоа. Зошто? Затоа што еден лош, зол човек не може да стане лош (тој е веќе тоа!). Но затоа пак добар лесно се излошува. Така е и со дадениот збор: човек може да држи до даден збор (беса), но не и да го издржи и одржи.

Сега може да се прашаме: зошто еден писател од голем формат со, згора на тоа, детален увид во  културното наследство на древните балкански народи, прибегнува кон легенда како оска на неговиот роман кога добро знае дека е таа илузија? Затоа што го следи искуството на друг голем пистал (Иво Андриќ) на кого се повикува во својот роман “Залезот на степските богови“? Затоа што сака на еден индиректен  начин да ни сугерира дека балканските легенди се поубави од агресивните и деструктивни степски, како што вели? Затоа што знае дека легендите имаат корен во имагинацијата и затоа полесно доаѓаат до душата на човек во споредба со вистините на историјата?

Сите тие работи имаат своја видна улога во романот на Кадаре. Кон нив треба да се придодаде уште една. Таа помага да се артикулира дискретната, скриена порака на романот на Кадаре која не може да се изведе од легендата за Константин и Дорунтеа. Вистина, јунакот од легендата ја победува смртта иако привремено (тој се враќа во својот гроб!), но затоа пак во својата верзија на беса Кадаре ја изостава токму таа важна црта. Згора на тоа, јунакот на Исмаил Кадаре избегнува да и признае на Лида Снегина дека е писател која „случајно“ му вели дека не им верува на писателите, особено странци, работа која на особен начин упатува на тоа дека неговите побуди се приземни и користољубиви.

Што ни вели таа дискретна, скриена порака? Таа ни вели: вистина е дека не може да се издржи и одржи бремето на зададен збор (беса), но не помалку вистина е дека погазувањето даден збор не е багателно. Дека си има своја цена и таа е мошне висока. Колку и цената која се плаќа кога се држи и одржува збор, најверојатно. За младиот студент во Москва од романот „Залезот на степските богови“ таа цена е – чувството на трајна, отровна вина за која нема лек. За која не може да биде лек ни јасната свест дека може да се држи до даден збор, но не и да се додржи. Една свест со милениумска традиција која спушта до учењето на големите антички мислители Платон и Аристотел.

Дали тоа трајно чувство на вина за кое толку понесено и убедливо зборува еден писател од голем формат како Исмаил Кадаре има врска со некои наши тривијални еждневици и злободневици, hic et nunc? Како, на пример, изневерата или погазениот збор на Али Ахмети и Таљат Џафери a во врска со имунитетот на бившиот собраниски спикер Трајко Вељановски? Склон сум да мислам дека има и дека токму тоа чувство одиграло клучна улога во нивната решеност да му помогнат на Трајкота. Токму онака како што тој им помогна нееднаш кога беа во една децениска љубов со ВМРО-ДПМНЕ на пастир Никола Груевски.

Може ли да заборават, на пример, Али и Таљат дека еднаш, со еден таен мајски договор му дале збор на пастир Никола? Дека, потоа, кога се нашле на маки пастир Никола и Трајко многу им помогнале преку „автентично толкување“ на закон за амнестија? Дека, кога се нашле во друго, потесно тесно под притисок на „меѓународниот фактор“ тие му свртиле грб (погазиле збор!) на пастир Никола за да му покажат убаво лице на коалициониот Зоран Заев? Дека, најпосле, тие при полна свест погазиле и згазале збор според кој света работа е да прават влада победнички партии во македонскиот и албански политички блок?

Се разбира дека – може! Но затоа пак не треба да се заборави дека ни заборавот не е од редот на она „нешто апсолутно“ за кое зборува Кадаре во кус коментар кон својот роман. Затоа што не е „нешто апсолутно“, затоа што може само да се положи во сенка, затоа што се изместува од свеста за да се скрие во длабоката потсвест, тој потиснат, згазен и погазен збор го демне својот час кога ќе избие во „глува полноќ“ со неимоверна сила, како онаа разбесната стерна од истоимената поема на Блаже Конески.

Се разбира, ние сега можеме да нагаѓаме, можеме да се досетуваме кои сè прагматични (кај Платон pragma ti или нешто постојно) предсудиле Ахмети и Таљат да погазат некој збор кој веќе му го дале на Заев. Можеме дури да речеме дека ако, по сила на околности, погазиле даден збор кон пастир Никола, не може, пак по сила на други околности, да погазат и друг. Со нешто поднослива доза на цинизам би можеле да додадеме дека може да се погази само даден збор како што „тиранијата на законот“ (пак Платон) постои за да се – урне.

Сите тие нагаѓања и досетки имаат меѓутоа, еден свој скриен двигател (мотив), нешто како оној primum mobile на Едгар Алан По. Тој мотив има длабок корен во чувството на вина. Во случајот на Али и Таљат игра двојна улога. Од една страна им вели дека не го заборавиле доброто што некогаш им го сторил пастир Никола кога биле на маки. Од друга, не грешет многу кон шоку Заев кога не држат до даден збор кој, нели, и онака не може да се – одржи! А пак тоа што треба да се држи до збор иако не може да се одржи, сега за сега ќе се заборави. Затоа што она pragma ti на Платон е посилно од легендарната беса. Најпосле, така вели и големиот, начитан Кадаре во својот „Залез…“

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...