Јавното претпријатие „Комуналец“ од Кавадарци денеска упати апел до кавадарчани да го селектираат отпадот, бидејќи од неодамна имаат и посебни контејнери за пластика, хартија и стакло, обезбедени во соработка со „Пакомак“.
– Денеска „Пакомак“ започна со празнење на контејнерите. Веднаш се забележа дека дел од кавадарчани ја почитуваат намената на овие нови контејнери, но за жал има и такви кои во нив ставаат секаков отпад. Со тоа не само што го отежнуваат нивното празнење, туку и ја блокираат идејата за селектирање и рециклирање на отпадот, кое е и тоа како важно за сите – нагласуваат од комуналното претпријатие.
Оттаму уште еднаш ги замолуваат кавадарчани да прават разлика помеѓу контејнерите за општ смет и специјализираните за пластика, хартија и стакло, со цел почиста и поздрава животна средина.