Општина Кавадарци за прв пат го доби првиот граѓански буџет, кој ќе биде промовиран оваа седмица. Граѓанскиот буџет значи поедноставен приказ на приходите и трошоците на буџет кои ги има општината.
Досега буџетот се носеше само во стандардната задолжителна форма согласно на насоките на Министерството за финансии, со повеќе ставки. Со тие ставки, обичниот граѓанин многу тешко може да го разбере.
Овој граѓански буџет ќе даде јасна едноставна слика како и колку приходи се собрале и за што се наменети. Колку за образование, невладини организации, комунална изградба. За на сите да им биде јасно како се трошат нивните пари. За ова денеска информираше Тодор Ефремов од Здружението „Чекор кон Европа”, кое го имплементира проектот „Транспарентни општини во функција на локалната демократија”.
– Општина Кавадарци е веќе отворена, тоа може да се заклучи и по дизајнот на новата веб страница. Таму има полно информации кои претходно ги немаше. Согласно индикаторите кои локалната самоуправа треба да ги објави на веб страницата, Кавадарци е една од најтранспарентните општини и најотворена за граѓаните. Тоа впрочем може да се види и преку присуството на градоначачникот и општинската администрација при поддршка на настани организирани од невладиниот сектор – нагласи Ефремов.
Во склоп на проектот, денеска на градскиот плоштад беше реализиран музичко ликовен хепенинг, организиран од ова Здружение, а присутен беше и кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
– Овој проект е финансиран од Европската Унија, во склоп на проектите „Транспарентни локални самоуправи”, во имплементација на АЛДА, Здружението на финансиски работници и Европското движење на Македонија. Овој проект имаше повеќе активности, а денешната беше една од завршните – додаде Ефремов.
Во склоп на овој проект, пред извесно време беше и активноста околу рецептот за локална демократија, на која беше присутен и францускиот амбасадор.
– Локалната самоуправа и невладините организации активно се вклучија во имплементацијата на овој проект. Конкретната цел на овој проект е да се промовира учеството на младите во донесувањето на одлуките на локално ниво и работењето на јавните институции. Притоа се промовираат и активностите на граѓанските организации во општината – рече Ефремов.