Најостро ги отфрламе тврдењата во изјавата на Костадин Костадинов, пратеник на СДСМ, за кои сметаме дека се големи лаги и манипулација, со цел дефокусирање на јавноста, реагираат од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов.
„Јасно и очекувано е дека политичката партија СДСМ преку вакви манипулации се обидува да изврши притисок врз претседателот Иванов, поради неговите политики и цврсти ставови во одбрана на достоинството на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија, а во врска со неприфаќањето на штетниот грчки договор. Реакцијата на македонскиот народ на вчерашниот ден точно покажа какво е неговото размислување кон погубната политика што ја води оваа власт за Република Македонија. Вистината боли, дотолку повеќе што раководството на СДСМ е свесно за предавството коешто го нуди на македонскиот народ“,
Претседателот Иванов, велат од неговиот кабинет, никогаш не поттикнал меѓуверска и меѓунационална омраза. Напротив, заедништвото и сплотеноста коишто со децении се градени, сега се доведуваат во опасност, токму поради штетните политики и одлуки на оваа власт.
„За тоа дали претседателот Иванов е достоен за функцијата што ја извршува, не се прашуваат политичките партии, туку граѓаните кои го избрале и кои го покажаа својот став на чествувањето на Илинден. Претседателот Иванов, како и секогаш, така и во иднина ќе се води исклучиво од државниот интерес и интересот на граѓаните на Република Македонија“, стои во реакцијата.
ФОТО: EPA/NAKE BATEV