Кабинетот на Пендаровски известен дека се бара рикверц на едно возило што го користи претседателот

1292

Информирани сме дека постои интерен допис во чии рамки се бара враќање на едно возило кое го користи претседателот. Не знаеме кој е мотивот за ваквиот допис, но напоменуваме дека безбедноста на претседателот е законска обврска на МВР, велат од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски во врска со барањето на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев да се вратат 35 службени возила претходно распределени од техничкиот премиер Оливер Спасовски во повеќе институции.

-ВМРО-ДПМНЕ повторно и упорно ја манипулира јавноста со лажни вести и информации, а од друга страна е кристално јасно дека една политичка партија нема механизми за докажување какви било злоупотреби, па ниту злоупотреби на возила, реагираше денеска СДСМ.

Според ВМРО-ДПМНЕ, пак, власта е во паника поради откривањето дека возила се користеле за приватни цели.

-Заев, Спасовски и Петровска се во паника затоа што се гледа дека Лазе Евридики, не е единствениот кој полициските службени возила ги злоупотребувал за лични потреби. Лазе ќерката си ја развозуваше по грчки кампови, а за соработниците на Спасовски не се знае ниту каде ги управуваат возилата, рече Орце Ѓоргиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Во врска со одлуката за прераспределба на полициски службеници, СДСМ нагласува дека Чулев ја доведува во опасност безбедноста на границата, на највисоките државни претставници, како и на амбасадите во земјава.

Дополнителниот заменик-министер во МВР, Славјанка Петровска вчера преку соопштение најави дека ќе поднесе кривични пријави до надлежното обвинителство против Чулев, поради, како што наведе, несовесно и нестручно работење.
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...