Кабинетот на Иванов го демантира исказот за вмешаноста на советникот на Претседателот

1157
ФОТО: EPA/NAKE BATEV

Од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска попладне демантираа исказ за вмешување на советникот Синиша Алексоски во случајот од 27ми април, без да наведат чиј е исказот.

– Давање на лажен исказ е кривично дело. И по не знаеме кој пат, Кабинетот на Претседателот на Република Македонија ги отфрла искажаните лаги, измислени настани и непостоечка комуникација за вмешување на советникот Синиша Алексоски во случајот од 27ми април – се вели во реакцијата од Кабинетот на Претседателот  Иванов.

За настаните од 27 април денеска сведочеше обвинетиот Синиша Младеновски, кој, како што Плусинфо и други медиуми веќе објавија, во својот исказ кажал  дека „советникот за национална безбедност на претседателот Ѓорѓе Иванов, Синиша Алексовски, дал информација дека Иванов ќе прогласи воена состојба, пристапот до Скопје од Западна Македонија е блокиран и дека тој ќе прогласи воена состојба и ќе се уапси парламентарното мнозинство поради државен удар“.

Кога Иванов не го направил тоа, рече Младеновски денеска на судењето, нему му станало јасно дека станува збор за осмислено сценарио во кое тие се искористени од страна на функционерите од УБК.

И братот на Младеновски во своето денешно сведочење го спомна во тој контекст    советникот на Иванов, Синиша Алексовски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...