Кабаетот на Христијан Мицкоски, а „славата“ за Александар Николовски?

Не е случајно тоа што сега, откако Мицкоски му ја заврши валканата работа, Николовски се охрабри да лансира приказна за некаков „нов вид на политичко обединување“, под звучното име „Македонска платформа“.

6194

Во политиката, како и во животот впрочем, многу е опасно кога ги лажеш другите луѓе, но уште поопасно е кога самиот веруваш во сопствените лаги. Оваа важна лекција вмровските асови требаше да ја научат од својот некогаш лидер Никола Груевски, кој од собраниската говорница, ако се сеќавате, предупредуваше дека шилото врти, врти и на крајот избива на површината. А најтажно е ако шилото ти буши во сопствената лејка…

Можам некако да го разберам обидот на Христијан Мицкоски да ги прелаже најкрупните играчи во меѓународната политика. Не е лесно да се биде на чело на ВМРО грогирана. Сепак, тој морал да знае дека има луѓе кои не смеат да се лажат по никоја цена. Слушам дека тој сега барал средба со амбасадорот Бејли, но без успех. Не знам дали е тоа точно, но ако е, треба да се разбере и Бејли. Не може амбасадорот да го прими Мицкоски, после она безобразно Христијаново писмо до Мичел, после кои ни Палмер не се осмели ни да помисли на средба со него или со Иванов. Така завршуваат детските игри во светот на големите – со плачки.

Се плашам дека на Христијан нема да му се прости ни обидот да ги прелаже сопартијците, луѓето од врвот на партијата и пратениците. За негова жал, се множат сведоштва за неговите двојни игри, за неискреноста во обидот да воспостави лидерство и контрола, на тој начин што ќе ги задоволи апетитите на луѓето со кои се опкружил и да ги „исклучи“ сите други. Мицкоски можеби така се замислува за „византиец“, но очигледно не ја разбрал магијата на „византиските игри“ во политиката. Тој игра шах како да игра „не лути се човече“. Затоа целосно е вплеткан во „расипани, токсични игри водени од амбицијата да се нахранат неколку суети“, што ќе рече Рангелова.

А апсолутно сум сигурен дека Христијан нема никогаш да си прости на себеси што од целата таа збрка што ја направи, токму тој нема да извлече никаква полза. Напротив, ќе биде среќен ако куртули од жестока казна. Ситуацијата ќе ја искористат малку поитрите луѓе од него, луѓето со малку пореални амбиции, но и со многу поголема вештина своите акции да ги „фактурираат“ на контото на партијата и на нејзиниот контролиран Централен комитет, а добивката да ја приграбат за себе.

Ако не ме лаже усетот, мислам дека добитникот од целиот овој галиматијас – ама само на кратка патека! – во моментов е потпретседателот Александар Николовски. Не е случајно тоа што сега, откако Мицкоски му ја заврши валканата работа, Николовски се охрабри да лансира приказна за некаков „нов вид на политичко обединување“, под звучното име „Македонска платформа“. Намерата е јасна – Николоски очигледно има лидерски амбиции и се труди да ги обедини сите формални и неформални групи кои во овој момент ја поддржуваат политиката на ова раководство.

Велам, сепак станува збор за трка на кратка патека, бидејќи она што остана од ВМРО-ДПМНЕ наскоро ќе мора да се соочи со вистината дека и таа фракција, а и никој друг во Македонија, нема и веќе нема ни да има монопол над „македонскоста“. Никој веќе со тој наратив нема да успее да изгради политичка програма.  Затоа, ова раководство, кое се дистанцира од европската агенда и кое се самоизолира, неизбежно е осудено на пропаст.

Но, има нешто што Мицкоски не го разбира, а изгледа дека има неколку луѓе во оваа партија што тоа го знаат или непогрешливо го чувствуваат – во политиката нема празно место, тогаш кога некој или нешто ќе се повлече, местото го пополнува некој друг или нешто друго. Мојот впечаток е дека Александар Николовски сега игра на таа карта. Само, мислам дека тоа ќе ги продлабочи внатрешните поделби во партијата, бидејќи во ВМРО-ДПМНЕ има неколку поискусни, позаслужни и релативно неископромитирани кадри, со потенцијал да го зграпчат партиското кормило.

Ќе биде забавно…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...