Многу поопасни од метил акрилат мономерот се 14 тони винил хлорид коишто сѐуште се наоѓаат во кругот на ОХИС и чекаат на извоз во странство, дознава Плусинфо.
Но, за оваа опасна хемикалија да може да се препакува во буриња, па да се извезе, неопходни се поволни временски услови, појаснуваат инспекторите за животна средина.
Да потсетиме, во петокот се случи инцидент во кругот на ОХИС по испирање со вода на цистерна во која претходно стоел метил акрилат мономер, а по попуштање на вентилот, ситуацијата излезе од контрола па непријатната миризба предизвика паника кај дел од жителите во околината.
По обелоденување на дел од резултатите за петочниот инцидент во Охис, ги запрашавме инспекторите на што тогаш непријатно мирисаше и дури ги „штипеше“ за очи жителите во околината, ако во воздухот не бил присутен метил акрилат мономерот, како што утврдиле во лабораторијата на штипскиот универзитет. Истиот го имало во цевките и во резервоарот, покажале анализите.
Дали можеби била испуштена некоја друга хемикалија, хлор или друго соединение?
Раководителот на Инспекторатот за за животна средина, Пејо Кировски, објаснува:
– Не, хлорот е целосно отстранет и извезен од земјата. А тоа што покажале резултатите од петокот беше остаток од метил акрилат мономерот, којшто бил во погоните, поминувал низ цевките и можеби и по еден месец таму малку ќе мириса. Најверојатно концентрацијата била мала, а тоа секако зависи и од струењето на воздухот кое било во моментот на земање на мострите, па еве првичните анализи не покажале дека го имало во воздухот. Еве и кога ќе поминеме покрај депонијата со линдан, како денеска, се чувствува миризба. Тоа се спаѓа во историски отпад и добро е што конечно тој се чисти од крухот на ОХИС и особено што и ќе се извезува од државата. А на извоз чекаат и повеќе од 400 буриња во кои, освен метил акрилат мономер, се запакувани и други хемикалии, коишто ќе бидат извезени од државата – изјави Кировски за Плусинфо.
Но, тој нагласува дека во кругот на фабриката останала уште една хемикалија која сѐ уште не е преточена во буриња.
– Под 24-часовен мониторинг во ОХИС е винил хлоридот – уште поопасен од метил акрилатот – и тој засега е складиран во вагон цистерна. Се претпоставува дека има околу 14 тони од винил хлоридот којшто чека на отстранување од ОХИС, но и целосно од државата. Сѐ уште оваа хемикалија се наоѓа во вагон цистерна, а зависно од временските услови, и таа ќе биде преточена во буриња и по обезбедување на дозволите, ќе биде извезена во странство – рече Кировски.