И јас сум за бојкот!

Промени во законодавството се неопходни како спас, оти одговорноста и совеста пред парата се немоќни. Таму кај што парата говори, молчат устите, се затвораат очите, а законите и принципите стануваат нефункционални.

3080

До денес останува голема мистерија како тоа дури 14 години пред да се случи „Титаник“, еден американски писател со име Морган Робертсон во 1898 година ја напиша книгата со наслов: “The Wreck of the Titan” („Руина на Титан“), повеќе позната како “Futility” (Бескорисност). Таму детално се опишува трагедијата која подоцна ќе се случи (во април, 1912).

Сличноста меѓу „Титан“ и „Титаник“ не е само по името и изгледот, туку и по многу други карактеристики и околности. Дури и причината за несреќата е идентична, а и бројот на луѓето што се удавиле. По големата трагедија, книгата стана вистински бестселер.

Сто години подоцна скоро потонал и еден друг „Титаник“ на Балканот, со два милиони луѓе, и тоа не поради Санта мраз, туку поради Санта криминал на злосторничка посада. Над 600 илјади изнапатени патници со големи маки успеаја на време да го напуштат бродот и испловија во неповрат, а над милион други истото ќе го направеја да имаа чамци за спасување. Со години бродот ти бил киднапиран од пијани гусари и дрогирани пирати. Тие тепаа, пљачкосуваа, силуваа, убиваа, а велеа дека тоа го прават за доброто на патниците. А на патниците најпрвин им беше уништено човечкото достоинство, а потоа и се друго. Направија држава каде што побезбедни се чувствуваа криминалците отколку чесните. Држава каде што идиоти беа промовирани за генија, а животот на обичните го третираа како случајно отсуство на смрт.

Режимот осушил, но корењата му остана и чекаат дожд. И ете анкета на МЦМС која наговестува реинкарнација на дивото ткиво. Дали сме невидени таленти во заборавање на лошото или сме брзоплети реваншисти кои најмногу нa себе правиме штета. Опозицијата нема компас, а е и залог на фамилијата која делува од сенка. Но, тоа веројатно е резултат на некој колективен инает за чиј развој изгледа многу допринеле и луѓе од постојната власт. Ние како да забораваме дека до пред некое време смеата ни беше полоша од плачот. Понекогаш балканскиот инает свесно го заборава лоштото и го избира најлоштото.Често е присутна (не)логиката – штом не стана подобро, барем нека биде уште полошо. Оти многу луѓе поседуваат толку суета колку што им недостасува разум. А забораваат дека за година дена многу што астрономски е поразлично – транспаретноста, критичност дури и од провладините медиуми, принципиелност, компаниите се ослободени од уцени, казните намалени, државата поинаку дише. Но, кога очекувањата се големи, довербата брзо се намалува.

Додека Заев настојува и лично да контактира и со луѓе што воопшто не ги знае, едни други лежерно уживаат на облаци, и воопшто не рамислуваат дека е можно еден ден и да паднат од таму. Се случија мали афери со голема разорна моќ. Тоа го руши кредибилитетот на владата. Затоа едни луѓе треба што поскоро на одмор. Ако имаме ситуација кога за само една година заборавиме на вековното злосторство, на киднапирањето на целата државата, на астономскиот криминал и пререњето пари (пет милјарди евра според Global Financial Integrity), на налудничавото задолжување, на пеколниот даночен рај, на затворењето луѓе, на колективното замолчување, убивствата… тогаш владата треба сериозно да излезе пред огледало. Дали функционираат сите нејзини делови или е потребен некој сериозен ремонт? факт е дека балканците се мазохисти, ама сепак надвор од умот е пак да барат такви садисти!? Ништо од враќањето на ограбените милијарди, а жртвата пак го сака џелатот! Ги видовме добро тие фараони што си градеа пирамиди, ама се наоколу оставија пустина. А за институциите изградија масовни гробници!

Самокритика

Иако бројчињата на МЦМС се разликуваат од едни наши анализи кои никогаш не надминуваат статистична грешка од два проценти, сепак трендот на незадоволството загрижува. Едни тешко сфаќаат дека таму се за да служат како сервис на граѓаните, а не за нивно малтретирање или уценување. Тука голема вина има и меѓународната заедница која силно се спротиставуваше на генералниот реизбор на судии, обвинители (како што направија неколку држави, сега членки на ЕУ). Принципот на завршен мандат во јавните служби и сервиси е нормален само при нормална власт. А таква со години немавме! Видовме како се станува сваровски судија со нула знаење. Требаше комплетен рестарт на системот со силно присуство на Брисел. Не се можни реформи со многу деформи од кадри. А и едни сегашни се испобрукаа со тендери и фондови и затоа редот сие да се спакуваат. Други забораваат дека се сервис на граѓаните и на економијата, а на двете им вадат душа. Промени во законодавството се неопходни како спас, оти одговорноста и совеста пред парата се немоќни. Таму кај што парата говори, молчат устите, се затвораат очите, а законите и принципите стануваат нефункционални.

Бојкотирам

Договорот од Преспа заслужува Нобелoва награда, бидејќи создаде нов модел за решавање на меѓународни спорови поврзани со идентитетските прашања, вели политичкиот аналитичар и поранешниот член на Меѓународната кризна група, Едвард Џозеф. Но, едни лилипутски здруженија повикуваат на бојкот. И јас повикувам на бојкот против сите лажни патриотски превари; против амнестијата на нашите ограбени милјарди; против образованието без учење; против болното здравство; против тоа бројот на комарците да одлучува за бројот на гласачите… А бојкотерите не треба да ги осудиме туку да ги жалиме. За мали руски пари повикуваат да се откажеме од нашата чесна иднина во полза на нивните нечесни постапки.

Мицкоски пред некој ден кажа дека за некои 40 дена (на 10 септември) ќе си го каже ставот за референдумот! Интересно што бројката 40 има широка симболика. Првин Мојсие 40 години талкал низ пустините. Истиот тој Мојсие 40 дена постел додека на плоча не му дошле десетте божји заповеди. Одисеј 40 дена се криел од Пенелопа. Истиот тој талкал 40 години по Егејот, ама без своја Итака. И Христос после своето воскресение 40 дена се шетал, дури се видел со некои луѓе! Библискиот потоп се случи точно после 40 дена врнење. Едни лекови се спремеле дури 40 дена, а други се пиеле толку дена. Што лек ќе бил ова од Мицковски ?! Партијата или ќе ја излече или ќе ја отруе. А можеби ќе му се случи и партиски потоп од библиски размери. И тогаш ќе се фали дека најмногу риби има во Сахара. Познато е дека силата без разум е сурова, а разум без сила е погубно. А тој засега ги нема ни едното ни другото. Гледаме како поминува турскиот султан? Лирата девалвирала за 40 отсто. Пак оваа бројка! А Иванов не се сретнал со генералот на НАТО. Отсекогаш Бог му прости, оти не знае што прави. Но, изгледа сите ние треба да сфатиме дека најдобар џихад треба да биде борбата со сопствената совест. А бројни луѓе совеста ја имаат продавано на црн пазар.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...