На техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев не му е потребна согласност од дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска за да го назначи Ристо Ставревски за началник на СВР-Скопје. Ова го предвидува членот 44, став 4 од Законот за Влада, каде што е наведено дека министерот може да изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања на пониско или на повисоко место на раководители на раководна позиција во МВР, вклучувајќи ја и позицијата началник на СВР-Скопје.
Од друга страна, ставот 3 од членот 46 од Законот за Влада, предвидува нешто сосема друго. Неговата содржина е потполно различна од содржината во ставот 4 од членот 44 и на Петровска ѝ дава право да го блокира назначувањето на новиот началник на СВР-Скопје. Инаку, таа истакна дека не го прифаќа Ставревски затоа што неговиот глас се слушнал во една од „бомбите“ што во 2015 година ги објави СДСМ.
Во членот 46 е наведено дека дополнителниот заменик-министер рамноправно со министерот ги разгледува и ги потпишува актите и документите што ги носи министерот или лицата овластени од министерот, заменик-министерот, како и државниот секретар во соодветното министерство, а кои се однесуваат на кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите.
Членот 48 од истиот тој Закон, пак, наведува дека Државната изборна комисија (ДИК) е должна да ги расчисти сите несогласувања што ги имаат министерот и заменик-министерот за одредени кадровски прашања. На овој член вчера се повика Чулев и најави дека во текот на денешниот ден ќе испрати барање за мислење до ДИК.
Сепак, претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, за Плусинфо денеска истакна дека засега такво барање не пристигнало во Комисијата.
– Досега во ДИК не пристигнало никакво писмо од министерот Наќе Чулев во врска со назначувањето на новиот началник на СВР-Скопје. Доколку пристигне во текот на денот, тогаш ние имаме обврска во рок од 24 часа да се произнесеме со конечен став. Процедурата на произнесување е иста како и за сите други прашања што ја засегаат Комисијата, односно ќе се земат предвид ставовите и мислењата на членовите – објасни Дерковски.
Според правниците, смислата на постоењето на техничката влада е во неа да постојат разговори, компромиси и договори, бидејќи, како што објаснуваат, нејзината главна цел е да се овозможи ефикасно спроведување на изборите.
– Апетитите на одредени луѓе во техничката влада одеднаш како да пораснаа, па си зедоа за право да се мешаат во кадровата политика, притоа заборавајќи дека ова не е редовен систем, туку само предвремена состојба во пресрет на изборите во април. Сметам дека војната што во моментов се води помеѓу министерот Чулев и заменик-министерката Петровска не е ништо друго освен политичка војна – вели за Плусинфо поранешниот претседател на Уставен суд, Трендафил Ивановски.