Балкан, место каде што со векови опстојуваат различни цивилизации, југот на Европа и портата кон Азија. Овој регион го отсликуваат различни влијанија и култури чие присуство оставило длабоки корени кои станале дел од културниот идентитет на овие простори, поради што често се јавува дилема за тоа што е наше, а што не е.
Турција, земја на два континента, првиот синоним за добра гастрономија, земјата на баклавата, бурекот, донерот, симитот, проследена со природните убавини на Кападокија, Ефес и градот кој е дом на 16 милиони жители – Истанбул. Шиш кебап претставува најавтентичен претставник на ориенталната кујна, буквалниот превод на овој специјалитет е печено месо на ражен. Сите љубители на турската гастрономија ќе имаат можност да вкусат шиш кебаб и турска баклава на штандот на Турција на Светскиот пикник кој ќе се одржи на 9 јуни со почеток од 12 часот во Градскиот парк во Скопје. Штандот на Турција ќе биде претставен од страна на компаниите „Рамстор Македонија“, која во земјата е присутна од 2005 година, со отворањето на првиот трговски центар од затворен карактер, во својата дејност вклучува и ланец маркети за малопродажба и компанијата „ТАВ аеродроми“ која управува со двата меѓународни аеродрома во државата, присутна на домашниот пазар од 2010 година.
Грција, земјата која за многумина е првиот избор за годишните одмори, чии острови се споредуваат со расфрлани дијаманти на медитеранот, синоним за гиро, сувлаки, мусака и гурабии. Присутните на Светскиот пикник ќе имаат прилика да пробат гиро и грчки гурабии на штандот на Грција кој ќе биде претставен од страна на компаниите: Окта АД Скопје, чија основна дејност е производство и трговија со нафта и нафтени деривати, Мермерен Комбинат АД Прилеп, компанија која се занимава со екстракција и преработка на снежно-бел мермер познат под името „Сивец“ и компанијата Цементарница Усје АД Скопје, дел од Групацијата Титан, чија дејност вклучува производство на цемент и други градежни материјали.
Инспирирани од традицијата и културата на земјата од каде што потекнуваат, компаниите членки на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, во насока на реализирање на мисијата за општествена одговорност, пред 4 години за првпат го организираа Светскиот пикник. Покрај словенечката кујна, присутните ќе имаат можност да пробаат деликатеси и од останатите 10 земји од каде што доаѓаат компаниите-странски инвеститори кои се директно вклучени како поддржувачи на овој настан, а тоа се: Австрија, Германија, Словенија, САД, Велика Британија, Италија, Швајцарија, Шпанија, Белгија и Холандија.
Преку традиционалната храна, проследена со музика и детско катче за најмалите гости компаниите членки на Советот на странски инвеститори имаат за цел да ги унапредат своите врски со земјата во која делуваат и работат. Средствата собрани од организацијата на овој настан ќе се искористат за хуманитарни цели, односно истите ќе бидат донирани на ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух, говор и глас Битола за опремување на сензорна соба.