И трезни од кафеана можете да си повикате гага такси

Ваучерите се во вредност од 100 денари и тоа на газдите на рестораните во пракса не им претставува дополнителен голем трошок туку им доаѓа исто како да дале попуст на сметката.

603

Околу еден месец трае кампањата за користење на бесплатните такси-ваучери од скопските кафеани и ресторани и според интензитетот на тоа колку граѓаните во овој период барале ваучер за да си одат дома со такси, инволвираните во оваа иницијатива велат дека интересот расте. Досега искористени се стотина ваучери, а се очекува ако продолжи оваа кампања во иднина заинтересираноста да расте.

По промовирањето на оваа кампања, која се спроведува под мотото „Ги возиме одговорните“, следуваа бура негативни реакции на социјалните мрежи поради, како што посочуваат инволвираните, лошата интерпретација во јавноста дека бесплатниот превоз ќе го плаќа Градот Скопје од градскиот буџет, односно од парите на граѓаните. Всушност, како што појаснија подоцна, ваучерите се на сметка на рестораните. Исто така, не мора да се „начукате“ за да се возите бесплатно во такси.

– Целта на акцијата од нивна страна беше да се стимулира користењето на јавниот превоз и да се стимулираат гостите кога одат во ресторан да не користат сопствено возило туку јавен превоз – такси и согласно тоа не пијаните гости туку секое лице кое ќе направи резервација преку наведениот портал, во самиот угостителски објект ќе добие ваучер за такси превоз – вели Ристо Манчев, секретар на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

РСБСП и Град Скопје ја поддржаа оваа кампања која е на иницијатива на веб-порталот restorani.mk и во неа се вклучени триесетина ресторани во Скопје. За да се добие ваучер, потребно е само да се направи „онлајн“ резервација преку веб-страницата и гостите кога ќе отидат во ресторанот ќе си добијат ваучер, на кој го пишува бројот преку кој може да си повикаат такси.

Ваучерите се во вредност од 100 денари и тоа на газдите на рестораните во пракса не им претставува дополнителен голем трошок туку им доаѓа исто како да дале попуст на сметката.

И покрај можноста за бесплатно такси, македонската полиција во акциските контроли за време на викендите во Скопје фаќа десетици пијани возачи. Последниот викенд, на алкотестирањата биле откриени 83 возачи, викендот претходно 52.

Сепак, ваквите иницијативи од општествено одговорните компании за безбедност во сообраќајот, велат надлежните, секогаш ќе бидат поддржани.

– РСБСП ја поддржа и кампањата „Ги возиме одговорните“ преку изработка и дистрибуција на едукативни материјали со цел подигање на свеста за неуправување на моторно возило под дејство на алкохол и едуцирање на учесниците во сообраќајот  за штетно влијание на алкохолот на способноста за управување на моторно возило затоа што управувањето на моторно возило под дејство на алкохол е една од водечките причини за предизвикување сообраќајни незгоди со фатални последици – вели Манчев.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...