И ти си мојот пратеник? Море мрш…

4262

Кога денот не е ден и ноќта не е ноќ, кога владее спокој и мртва тишина, кога зградите спијат, кога булеварите се влажни и празни, кога нема прашина и издувни гасови, кога лисјата на неколкуте останати дрвја во Скопје се омалаксани, гласот на птиците одамна го нема во ценатрот на градот, кога кафулињата се затворени, терасите покриени и празни, а шумолењето на Вардар е тивко шепотење кое едвај достасува до ѕидовите на коритото, кога мирисот од пекарите се бори да го опие затруениот воздух од вчера, пред налетот на повторното загадување, кога на секој лик од монументалните споменици гледаш тага, намрштени и строги сурати затоа што нема публика, нема туристи кои се сликаат под нив, кога и коњите, чиниш, се обидуваат со еден исчекор да се ослободат од високите постаменти и да ја спраштат во галоп у пичку материну, кога бурекџиите ги вртат последните кори од ендемското брашно, а ќебапчиите ги влечат ќебапите од замрзнатата смеса со се’ и малку месо, кога мирисот од шкембето во казаните од Бристол како селски петел со сите сили се обидува да ги разбуди центарци од ближната околина, тие, пратениците, договараат и преговараат за сопствената иднина, не за онаа за која се избрани…

Тие веруваат само во нивната историска вредност за изнаоѓање на формула за решавање на равенка со три непознати, се занесуваат во таа ореолска големина, дека тие се избраните кои овозможуваат мирен сон не само на скопјани туку и на останатите во државата, и со нивната саможртва живеат во занесот на големи патриоти кои се жртвуваат за сите нас. Тие, другарице и другови, веруваат само во таа вистина затоа што станува збор за универзни лажови, препотентни самобендисани копилиња, искомплексирани идиоти, егоистички измамници, кои, и ден денес клекнуваат пред трите кибритчиња на Камени за да го пронајдат топчето кое го нема. Тие, драги мои, поим немаат дека мојата прошетка низ центарот на градот, мојата инсомнија, или будење пред скопските зори, е сијуксова молитва да не се раздени, за да не морам и овој ден да трагам по сопствената егзистенција за денес. Вчера поминав некако. Како? Јебемлига. Тие, поим немаат дека многумина од заспаните им гласачи не сакаат да се разбудат затоа што и сонот им е јаве, дека не спијат, дека не спијат заради нив, дека токму тие се нивната причина за општата агонија која во периодот на космичката тишина во Скопје, има многу будни души, стуткани во изветвените јоргани и кебиња и немаат глас да викнат од ладните спални соби. Тие, поим немаат дека ама баш ништо не решаваат, ниту за државата, ниту за нас граѓаните. Тие брзо почнуиваат да мислат само за себе…

Тие идиоти, утрово ќе бидат првите кои ќе почнат да го загадуваат воздухот во градов со издувните гасови од патните трошоци во скапите џипови, а со мирисите од непознатите опојни парфеми, ќе го кршат мермерот на собраниските ходници и кулоари, на пауза на скопските булевари, со ѓоновите од изгланцаните чевли и штикли, ќе чекорат како на „Феш’н“ писта наконтени во ултра скапи костуми, со оптегнатите образи и набабрените усни, со светнатите очи и нежните дланки ќе се распостелат на масите од терасите на најскапите кафулиња кои го нудат погледот кон нив, не нивниот кон другите, за да бидат видени и забелажени, не да видат и да забележат, и:

„Знаеш, брат, тешко иде, еве, цела ноќ немам око затворено, доаѓам од напорни преговори, државата мора да ја спасиме, ама мора и да се издржи до крај, мора, брат, и за тебе се работи, знаеш…“

За мене јас работам бе токмак, а на изборите сработив и за тебе, за да работиш за мене и за државата, не за себе. Јас морам да најдам чаре како да го преживеам и овој ден, а ти смислуваш варијанти за закони како да си ги обезбедиш сите денови. И ти си мојот народен избраник, мојот пратеник? Море мрш…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...