И странци доаѓаат на авантура по Вардар (ФОТО)

667

И странци доаѓаат на авантура по Вардар. Почна дводневната „Тиквешка винска регата”. Неа по седми пат ја реализира Здружението „Винотек” од Кавадарци. Годинава има околу педесет учесници, се весла во седум гумени чамци. Атракцијата започна кај селото Уланци, општина Градско.

– Еден Германец беше дел од регатите кои ги организираме  пред четири години. Во меѓувреме се оженил за австралијанка и живее во Австралија. Сега дојде заедно со неа и тригодишниот син, кој е најмлад учесник во оваа возбудлива авантура. Најстариот, има седумдесетина години. Имаме гости од земјава и странство – рече Панче Арсовски, директор на регатата.

Тој нагласи дека на паузата кај неготинското село Црвени Брегови, за сите учесници е предвидена забавна игра.

– Ќе бараат закопано богатство во редови од лозје. Богатството е, шишиња  со вино. Тој што ќе ги најде меѓу виновите лози, ќе ужива во  извонредниот вкус на божествената течност која се раѓа под тиквешкото сонце – нагласи Арсовски.

Јован Еленов, претседател на „Винотек”, додаде дека освен речниот, регатата ги промовира и винскиот, манастирскиот, езерскиот, археолошкиот и рекреативниот туризам.

– Учесниците ќе ги посетат и неготинскиот и Моклишкиот манастир кај кавадаречкото село Ваташа, а ќе имаат можност и да дегустираат врвни вина во неколку винарски визби од Тиквешко, како најголем лозаровинарски регион во државата. „Винотек” постои неколку години и настојува да ја подигне винската свест и да ги промовира грозјето и производите од грозје, како и да го развие винскиот туризам – рече Еленов.

Во регатата учествуваат и дел од вработените во кавадаречката Територијална противпожарна единица.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...