Од 287 вработени на Универзитетскиот Стоматолошкиот клинички центар „Свети Пантелејмон“ во Скопје, позитивен микробиолошки наод во нос имаат вкупно 11 вработени и тоа кај 10мина е откриена бактеријата стафилококус ауреус, додека кај еден вработен е изолирана МРСА, исто така во носот. Тие се веднаш отстранети од работа, изјави директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, д-р Ирина Сотирова Бухова.
Ова го покажале вонредните микробиолошки анализи во Центарот за јавно здравје, кои беа направени откако опасната бактерија МРСА, која е отпорна на антибиотици пред една недела прво беше утврдена на рацете на забен техничар во оваа здравствена установа.
Вториот вработен кај кого е пронајдена МРСА е стоматолог и тој, за среќа, нема други симптоми. Другите вработени кај кои е утврдено дека се клицоносители на стафилококус ауреус се стоматолози, вкупно 7, две медицински сестри и уште еден вработен на Стоматологија.
По овие резултати, Државниот санитарен и здравствен инспекторат наредил да се земат и брисеви од работните површини во Стоматолошкиот клинички центар, каде веќе два пати е направена вонредна дезинфекција.
– ДСЗИ, освен тоа што по претходна постапка е направено, наложи и засилно механичко чистење на сите простории, а од денеска земање и брисеви од работните површини. Сите 11 вработени кои се клицоносители од вчера се отстранети од работа, до добивање на негативни брисеви, а кај нив не можеме никако да знаеме дали ќе развијат клиничка слика. Наложивме и други вонредни мерки, како засилено механичко чистење на клиниката, дезинфекција и внатре и надвор, како и задолжително носење маски и ракавици. Исто така, кажавме дезинфекционо средство да се користи секаде каде се ставаат одливци за протези. Можеби, бактеријата МРСА е внесена и однадвор – појаснува д-р Сотирова Бухова, која додава дека е на штрек и Комисијата за интрахоспитални инфекции на Стоматологија, која е формирана во минатата година.
За разлика од бактеријата МРСА, другиот стафилокок ауреус што е пронајден кај 10мина вработени во нос, е бактерија која често се открива во микробиолошки наоди кај деца, но и кај возрасни. Но клицоносители на оваа бактерија не треба да се здравствени работници и лица кои работат со храна и затоа тие веднаш се отстрануваат од работа, сѐ до добивање негативен резултат.
Стафилококни бактерии се наоѓаат во носот и на кожата кај околу 30 отсто од здравата популација кај кои не предизвикуваат болест, но напукната кожа или друга повреда може да ѝ овозможи влез на бактеријата во телото и да предизвика инфекција.
Стафилококус ауреус може да предизвика најчесто полесни инфекции на кожата, но може да е причинител и на сериозни заболувања опасни по животот како што се воспаление на бели дробови, воспаление на срцето и срцевите залистоци, но и на коските.
Подложни на инфекција со стафилокок се бебиња, доилки, лица со хронични заболувања, дијабетичари, лица со пресадени органи, болни од рак и други.