Рекордни 106 учесници присуствувале на Попова Шапка на петтата традиционална зимска школа, на која се вршела обука за планинарењето во ова годишно време и како да се справат со минусните температури.
– Го чувствуваме недостатокот на вакви школи и обуки за движење во зимски услови. Големиот интерес не нѐ изненади. Учество зедоа планинари од повеќе градови од земјава, кои беа поделени во групи и со помош на 17 водичи учеа како да го подобрат својот престој на планина во зимски услови – рече организаторот Горан Николоски.
Тој додаде дека за зимско засолниште, прво треба да се обезбеди местото.
– Најбезбедно е да се направи засолниште во снегот внатре како дупка, за да легнат луѓето, но потребно е да имате лопата. Во снегот температурата никогаш не паѓа под 4 или 5 степени. Со фолија и стапчиња може да се направи засолниште, но тоа ќе е привремено и ќе биде малку постудено. Тоа ќе помогне, меѓутоа не е стандардно зимско засолниште – појасни Николоски организатор во зимската школа на Мак петрол.
Даница Стојановска од клубот ВАК Анапурна смета дека е од големо значење планинари да посетат обука од ваков карактер, бидејќи вели оти треба добро да се запознаат со планинарската опрема која е различна за зимски и летни услови.
– Беше супер тоа што се дружевме и потсетивме на наученото. Сметам дека треба да бидат почести ваквите обуки во иднина, затоа што овој спорт зема поголем замав кај нас. Сите идни планинари треба да се добро информирани и да ги почитуваат правилата – нагласи искусната планинарка.
Планинарот Блаже Мелов, кој исто така планинари долги години, рече дека со ваквите школи, покрај тоа што ќе се научат работи на планина за кои не сте знаеле, ќе се стекнат и нови пријатели.
– Обуката се состоеше од повеќе дела: движење низ снег и употреба на планинарски стапчиња, употреба на цепин, употреба на дерези, изработка на зимско засолниште, изработка на снежен профил и презентација на лавински сонди, зимска планинарска облека и опрема, движење со дрезги, движење во наврска и спречување на падови со цепин – појасни Мелов.