Тимови составени од 42 припадници на републичките сили за заштита и спасување, координирани од Дирекцијата за заштита и спасување, согласно одлуката на Владата на Република Северна Македонија, од вчера попладнето се во Албанија за да помогнат во спасувачките акции на локалните власти, информираа денеска од Владата.
Од доцна синоќа, тимовите на републичките сили – тим за заштита од урнатини на ДЗС, преку офицерот за врски добиваат комплексни задачи за прва помош и извлекување на настраданите граѓани во Драч, како и во санирање на штетите од катастрофалниот земјотрес.
Покрај тимовите ДЗС, упати и специјализирана техничка опрема, амбулантно возило, медицинска и техничка опрема, како и најсовремена механизација која се користи за да се дојде до евентуалните преживеани.
На терен се и припадници на МВР со куче спасувач специјално тренирано за пронаоѓање преживеани под урнатините.
Досега тимовите лоцираа и извадија од урнатините две починати лица на две локации во срушените згради.
Владата на Република Северна Македонија вчера донесе одлука да се издвојат 6 милиони денари како првична финансиска поддршка за санирање на последиците од земјотресот во Република Албанија.