Паркирање на тротоари, во зона на крстосници и кружни текови, во „двоен ред“ покрај зонско паркирање, па дури и оставање на возилата на зелени површини.
Сето ова несовесно однесување на возачите се случува постојано во Тетово, но и сега во летниот период кога се направи обид со дополнителни места за паркинг да се избегне ваквата слика на тетовските улици. Ниту бесплатниот паркинг во дворовите на училиштата, како да не беше доволно да се избегне несовесноста и практиката кај дел од возачите да ги паркираат возилата на недозволени места во Тетово.
Голем број примери има низ градот во кој возилата се така паркирани на тротоари при што е целосно попречено движење на пешаците. Паркирање се прави и на зелените површини кои поради тоа се оштетуваат.
Несовеносната, но и недостигот на паркинг места се главните причини за ваквата состојба, бележи новинарот во пензија Гојко Ефтоски. Тој потенцира дека веќе со децении ја има оваа проблематика што ја следел како новинар и се соочува како жител на Тетово.
– Паркирањето кој каде ќе стигне е практика веќе со децении. И јас како новинар пред многу години имам постојани пишувано на оваа тема, која е актуелна и сега. Проблемот додуша има повеќе аспекти. Има огромен број возила и малку паркинг места, но сепак останува големата несовесност да се паркираат на тротоари и да им го отежнат движењето на луѓето. На топлово време тоа посебно е тешко за постарите лица, кои онака едвај се движат, па уште треба и да заобиколуваат кола на тротоар за да поминат преку улица. Следен проблем е немањето паркинг пред стопански објекти и институции каде понекогаш и мора да се дојде поблиску. Така е на пример кај болницата, вели Ефтоски.
Инаку во текот на јули и август во Тетово веќе неколку години наназад може бесплатно да се паркира во дворовите на училиштата поради зголемување на бројот на возила со доаѓањето на привремено вработените во странство. Одлуката заеднички е донесена со цел да се овозможи и нормален и проточен сообраќај, образложија од Полицијата и Општина Тетово. Граѓаните нивните возила можат да ги паркираат во дворовите на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“, кај старото медицинско училиште, како и кај основните училишта „Истикбал“ и „Лирија“.
За непрописното паркирање голем број тетовци се соочиле и со казни од полицијата.
– Полициските службеници во текот на јуни годинава изготвиле 301 поднесок за непрописно, односно погрешно паркирање на моторни возила во Тетово. Бројот на ваквите поднесоци во јули изнесувал 315, кога се утврдени возила кои паркирале во таканаречени „двојни редови“, паркирање на тротоари, во зона на крстосници и во зелени површини. Најмногу од погрешно паркираните биле и подигнати од тетовската „пајак служба“, со цел да се овозможи непречено и безбедно движење на сите учесници во сообраќајот, информира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Во Тетово од 2015 година е воведено и зонското паркирање. Во зона А на булеварите „Илирија“ (поранешен „Маршал Тито“) и дел од булеварот „Илинденска“ паркирањето чини 30 денари за еден час. Во зоната Б спаѓа зонско паркирање на повеќе улици, а еден час чини 20 денари. Казните за погрешно и непрописно паркирање се движат од 20 до 180 евра во денарска противвредност.