Уставниот суд, на редовната седница в среда, ќе ја разгледува иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на членовите 1 и 2 од Законот за амнестија, со кој беа ослободени од одговорност дел од обвинетите за насилствата во парламентот на 27 април 2017 година.
Засега нема информации кој е подносител на иницијативата за оценка на уставноста на Законот за амнестија кој беше донесен пред точно една година, поточно еден месец пред да се обезбеди двотретинско мнозинство за усвојување на уставните амандмани што произлегоа од Преспанскиот договор. За разлика од опозицијата, која инсистираше на целосна амнестија за „крвавиот четврток“, Законот кој беше донесен предвиде т.н. селективна амнестија само за обвинетите кои не се идентификувани како организатори или директни учесници во насилствата во „парламентот“. Според информациите, селективноста на амнестијата е основата врз која ќе се оценува дали Законот за амнестија е во согласност со Уставот, кој предвидува еднаквост на граѓаните пред законот.
Меѓу амнестираните за „крвавиот четврток“ беа и петмината пратеници од листата на ВМРО-ДПМНЕ – Крсто Мукоски, Сашо Василески, Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов. Мукоски, Василевски и Арнаудов, во јануари година, гласаа за уставните амандмани, откако неколку месеци претходно дадоа поддршка и за пристапување кон уставни промени. Меѓу амнестираните беа и водачите на протестите на „За заедничка Македонија“.
Во меѓувреме, Обвинителството за организиран криминал отвори нов предмет за организаторите на настаните на 27 април, со кој се опфатени и поранешните претседатели на владата и на парламентот Никола Груевски и Трајко Вељаноски.
Уставниот суд минатата недела поведе постапка за членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување, како можност за враќање во правниот систем на одлуката за „колективна“ аболиција што во 2016 година ја донесе тогашниот претседател Ѓорге Иванов, со цел да ги ослободи од кривична одговорност сите тогаш потенцијално осомничени или обвинети во постапки на СЈО.