И СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ вечерва ќе ги стават на маса сите опции за излез од референдумската криза

1922

Социјалдемократите, а и ВМРО – ДПМНЕ на највисоките партиски тела ќе ги разгедуваат сите можни опции за разврска на постреферендумскиот јазол, но се по извесно е дека ќе падне одлука да се оди на предвремени парламентарни избори кои би се одржале на 25 ноември.

Партиски извори во СДСМ брифираат дека е можно да пропаднат обидите да се добие поддршка на Договорот со Грција во Собранието, односно на уставните промени предвидени со него, за кои треба да гласаат македонските пратеници. Со оглед на тоа што, велат партиски извори во СДСМ, опозициската ВМРО-ДПМНЕ и натаму тера погубна политика со која не покажува апсолутно никаква одговорност за последиците од блокадата на евроатланската иднина на земјата која може да заврши и со изолација, за да се избегне ќорсокакот и влегување во уште подлабока криза, најверојатно ќе се оди на избори.

Како што објавивме претходно, за уставни промени е потребно двотретинско мнозинство, односно 80 гласови, а владејачката коалиција во моментов има поддршка од 71 пратеник, така што недостига поддршка уште од девет пратеници од опозицијата.

Александар Кирацовски, генерален секретар на СДСМ, потврдува дека вечерва Извршниот комитет на партијата ќе одржи седница на која ќе бидат разгледани опциите со кои ќе се овозможи спроведување на, како што вели, јасно изразената волја на мнозинството граѓани ( 91,48 отсто) кои гасаа „за“ пристапување на земјата во НАТО и ЕУ со прифаќање на Договорот со Грција.

Засега нема најави дека ќе се случи средба помеѓу лидерите Заев и Мицкоски, ниту пак има информации за остварени или закажани средби со пратеничките групи, како што претходно најави премиерот.

И во опозициската ВМРО – ДПМНЕ, велат дека вечерва ќе се одржи седница на Извршниот комитет на партијата на која ќе се разгледуваат прашањата што се отворија, по неуспешниот референдум.

Партиски извори велат дека не треба да се очекува каква била промена на досега јасно изразените ставови на партијата и на лидерот Христијан Мицкоски, како и на пратениците, кои претходно се изјаснија дека нема да дадат поддршка на уставните измени, пред се ако се има предвид, велат во партијата, пораката што народот ја испрати на референдумот кој не постигна цензус (36,91 отсто).

Утре се очекува седница да има и Централниот комитет на партијата.

Познато е дека претходно претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара формирање техничка влада, јавен обвинител на предлог на опозицијата и Анкетна комисија за референдумот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...