Комерцијалните превозници на живи животни од 2019 година ќе мора да поседуваат одобрение, налага Законот за заштита и благосостојба на животните.
Како што соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), предвидени се одобренија за две категории превозници: оние што превезуваат животни повеќе од 65 километри во еден правец и пократко од осум часа, како и превозници кои вршат комерцијален превоз подолг од осум часа.
Возачите и надзорниците на патувањето (за кратки и за долги патувања) мора да поседуваат и уверение за компетентност, документ што ќе го издава Центарот за благосостојба на животните при Факултетот за ветеринарна медицина, врз основа на спроведена обука и положен испит за превоз на живи животни.
Комерцијалните превозници за долги патувања, покрај одобрението за превозници за долги патувања, неопходно е да поседуваат и одобрение за превозно средство (сертификат), документи кои ќе ги издава АХВ врз основа на спроведена контрола на документацијата и извршената контрола на самото превозно средство од страна на стручна комисија од Агенцијата за храна и ветеринарство и официјалните ветеринари.
– Одобренијата за превозници за кратки и долги патувања, одобрението за превоз за долги патувања, како и уверението за компетентност на возачите и надзорниците на патувањето се со рок на важност од пет години – наведува АХВ.
Според Агенцијата, одгледувачите на животни кои вршат превоз на своите животни со сопствени превозни средства на релации пократки од 50 километри во еден правец, во случај на миграција на животните, како и при директен превоз на животни од или кон ветеринарно друштво по препорака од страна на доктор по ветеринарна медицина, не е потребно да бидат одобрени како превозници, но, во секој случај треба да бидат исполнети општите барања за превоз на животните согласно Законот за заштита и благосостојба на животните.
Информациите за постапката за добивање одобренија за комерцијалните превозници сe објавени на веб страницата на Агенцијата за храна и ветеринарство www.fva.gov.mk.