Во официјална посета на Македонија денеска ќе престојува министерот за надворешни работи на Кралството Холандија, Стеф Блок, а претседателот на Косово Хашим Тачи денеска ќе престојува во работна посета на Македонија.
Блок ќе се сретне со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.
На средбата со министерот Димитров се очекува да стане збор за актуелните политички состојби во Македонија, подготвителните активности за референдумот, како и за реформската ЕУ и НАТО агенда.
– Ова е четврта билатерална средба на министрите за надворешни работи на Република Македонија и Кралството Холандија за период од 15 месеци што претставува потврда за зголемениот интензитет на политичкиот дијалог меѓу двете земји – наведуваат од македонското МНР.
Претседателот на Косово Хашим Тачи, пак, денеска ќе има средба со премиерот Зоран Заев.
Владината прес-служба информираше дека Заев и Тачи ќе имаат тет-а-тет средба, по што ќе следува и билатерална средба на делегациите на двете земји.
Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис, пак, најави дека наредниот викенд ќе ја посети Македонија за да изрази јасна поддршка за претстојниот референдум за прашањето за името, но и загриженост поради можното мешање на Москва во процесот.
– Ќе одам да ги посетам нашите македонски пријатели и јасно ќе ставам до знаење дека САД го поддржуваат македонскиот народ – рече Матис во Пентагон.
Матис истакна дека е загрижен дека Русија би можела да се обиде да се вмеша во референдумскиот порцес во Македонија.
– Ако имате гласање, Москва ќе се меша. Јас сум загрижен за тоа. Такво мешање Русија практикуваше од Естонија до Соединетите Американски Држави, од Украина и сега до Македонија, секогаш се прилагодува на конкретната ситуација – рече американскиот секретар за одбрана.
Џејмс Матис е вториот висок американски претставник кој неделава доаѓа во македонија за да искаже поддршка за успешен референдум.
Во Скопје утре ќе престојува помошникот државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел. Тој ќе има средби со македонскиот премиер Зоран Заев и со други официјални претставници за поддршка на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција и претстојниот референдум на 30 септември, соопшти Стејт департментот.
Мичел во Скопје ќе има средби и со претставници на парламентарните партии и на бизнис заедницата со кои ќе размени мислења и ќе ја нагласи американска поддршка за приклучувањето на Македонија во Западното семејство, се наведува во соопштението.