И од изборот на првиот ревизор се направи криза во владината коалиција

Од друга страна, партијата на Али Ахмети ќе инсистира со СДСМ одново да се договорат чиј кадар ќе треба да го пополни директорското место во Ревизија. Според ДУИ, при првичната поделба на колачот меѓу владините партнери, кога и Алијансата за Албанците била дел од власта, Државниот ревизор ѝ припаднал на партијата на Зијадин Села.

1275

Наместо разрешница, изборот на првиот човек на Државниот завод за ревизија можно е дополнително да се искомплицира поради несогласувањата на владините партнери СДСМ и ДУИ околу тоа кој да седне во ревизорското столче. Нов оглас за државен ревизор, но и нов договор помеѓу владините партнери кому му припаѓа ревизорската фотелја, се најновите кочници за избор на државниот ревизор, кои партијата на Али Ахмети ќе ги испорача на Зоран Заев, брифираат за Плусинфо од ДУИ.

Официјално, изборот на Државниот ревизор во Собранието е заглавен, бидејќи во Комисијата за избори и именувања власта и опозицијата имаат еднаков број пратеници, пратеникот од Беса „игра по свое“, а нема ни договор за барањето на Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ нивните пратеници да бидат распоредени во собраниските тела.

Но во заднина се меѓупартиски битки за таа позиција. Од ДУИ брифираат дека е во игра тие да побараат да се распише нов оглас за избор на директор на Државниот завод за ревизија, односно да се повтори постапката. Според објаснувањето, огласот за кој сега расправаат пратениците е застарен веќе половина година, бидејќи бил објавен лани. Во меѓувреме променет е и Законот за ревизија и тоа во делот на квалификациите за избор на раководни структури, па како што велат од ДУИ ако се избере директорот по актуелниот оглас, неговиот избор нема да биде валиден.

Уште во декември 2017 година Собранието го објави огласот за нов Главен државен ревизор на кој се пријавиле 12 кандидати. ДЗР овој период ја води заменикот Насер Адеми, кој е и еден од пријавените на огласот. Опозицијата бара првиот човек на државната ревизија да биде предложен од партија која е во опозиција и таквото решение во иднина да се преточи во закон.

Од друга стран, партијата на Али Ахмети ќе инсистира со СДСМ одново да се договорат чиј кадар ќе треба да го пополни директорското место во Ревизија. Според ДУИ, при првичната поделба на колачот меѓу владините партнери, кога и Алијансата за Албанците била дел од власта, Државниот ревизор ѝ припаднал на партијата на Зијадин Села. По излегувањето на Села од владината коалиција, СДСМ таа позиција ја смета за своја, со што не се согласува партијата на Ахмети. Оттука ДУИ сега бара нов договор.

За СДСМ не е спорно дека тие треба да пресечат за првиот ревизор. Социјалдемократите ја отфрлаат и најавата на ДУИ за нов оглас за прв човек на Ревизија.

Од Алијанста пак, ова го коментираат дека СДСМ за ништо не ги прашува ДУИ, бидејќи и други позиции на кои имало кадри на Алијансата ги зел СДСМ.

Со реакција за блокадата за избор на државниот ревизор се огласи денеска и претседателот на Собранието Талат Џафери. Тој пак, прстот го впери во претседателот на Комисијата за избори и именувања Илија Димовски, дека се поставува над Парламентот.

Џафери вели дека не е во негова надлежност распоредот на силите во собраниските тела и дека за тоа се предвидени решенија во Деловникот. Но тој потенцира дека не е практика во собраниските комисии мнозинство да има опозицијата.

– Апелирам до сите и им укажувам на сите дека најбитните државни институции, вклучувајќи го и државниот ревизор се со истечен мандат, да преземат мерки и активности да ги надминат разликите за овие работи за кои нема разлики и да не ги поврзуваат работите и поради едно прашање да ги задржуваат сите прашања во работа на работните тела. Мојата надлежност е толку. Тоа е работа на работните тела, тоа е работа на консензус на политичките партии. Јас апелирам заради институциите, државата и граѓаните да ги завршат тие работи – изјави Џафери.

Владејачките СДСМ и ДУИ и по две години не можат да се договорат за директорската функција во Државниот завод за ревизија. Ако до 4 октомври не се избере нов директор на ДЗР вработените нема да земаат плата, а нема да може да се изготвуваат и резизорски извештаи, бидејќи и на заменик директорот му истекува мандатот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...