Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, нареди повлекување на сите венецуелски дипломати од САД и затворање на амбасадите и конзулатите во таа држава.
Мадуро синоќа рече дека американските официјални лица „ако имаат малку разум“ ќе ги повлечат своите дипломати од Каракас наместо да не ја почитуваат неговата наредба.
САД му одговорија на Мадуро дека нема овластување да протерува дипломати од Венецуела.
Вашингтон го поддржува претставникот на опозицијата кој се прогласи за технички претседател, Хуан Гуаидо наместо Мадуро за кого тврдат дека функцијата ја зачувал на нелегитимни избори. Гуаидо е поддржан и од голем број држави од Јужна Америка.
Oпозицискиот лидер Хуан Гуаидо, пак, изјави дека е подготвен за амнестија на претседателот Николас Мадуро и неговите сојузници ако тие помогнат Венецуела да се врати во демократија.
Гуаидо ова го изјави за телевизијата „Унивисион“ откако се прогласи за технички претседател на државата.
Гуаидо кој е претседател на Парламентот, изјави дека амнестијата постои како можност за секој кој е подготвен да помогне за обнова на уставниот поредок во Венецуела.
Стејт департментот нареди дел од вработените на американската влада да ја напуштат Венцуела, само ден откако Вашингтон го призна опозицискиот политичар Хуан Гуаидо за нов венецуелски претседател.
– Тој чекор го преземаме врз основа на нашите моментни проценки за безбедносната ситуација во Венецуела. Затворањето на амбасадата не е во план – пишува во соопштението на Стејт департментот.
Венецуелскиот претседател Николас Мадуро ги прекина дипломатските односи со САД и им даде на вработените во дипломатските претстѕавништва рок од три денови за да ја напуштат државата. Трамп во средата го призна опозицискиот претставник Хуан Гуаидо за нов претседател на таа држава.
Американската Влада во Каракас соопшти дека на дел од персоналот му е укажано дека мора да ја напушти Венецуела, и дека американски државјани треба „сериозно да размислат“ за посета на таа држава. Меѓу САД и Венецуела сѐ уште има комерцијални летови.