Цврстите ставови на Нова демократија дека со Договорот од Преспа се отстапуваат македонска националност и македонски јазик, но и дека треба што поскоро да се распишат избори за да одлучи грчкиот народ, ги повтори лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис во разговор со членови на партијата, при посетата на грчкиот остров Самос.
– Избор на владата е да го потпише Договорот од Преспа, договор кој за првпат на соседната земја ѝ го отстапува македонскиот јазик и македонската националност. Ние, овој договор нема да го ратификуваме, ниту сега, ниту ако го најдеме пред нас во следниот Парламент – повторува Мицотакис
Претседателот на Нова демократија уште еднаш ја обвини владата дека во внатрешноста има различни позиции, со еден став е шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, со друг став министерот за одбрана Панос Каменос и затоа порача дека потребно е „за прашањето со Договорот од Преспа, да одлучи грчкиот народ, пред да дојде за ратификација во парламентот“, јави дописничката на МИА од Атина,.
– Додека и двајцата заедно уште неколку месеци се приковани за фотелјите, искористувајќи го наводното внатрешно несогласување, за да добијат уште малку време во власта, на земјата ѝ прават голема штета. Затоа и ние ќе инсистираме: избори колку е можно поскоро. Колку поскоро си оди владата, толку подобро е за земјата. А за прашањето со Договорот од Преспа, нека одлучи грчкиот народ. Пред договорот да дојде за ратификација во Парламентот – порача од грчкиот остров Самос, претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис.
ФОТО: EPA/ORESTIS PANAGIOTOU