На локалните избори во 2013 година во Министерството за транспорт и врски имало човек кој на денот на изборите внесувал во список кој излегол да гласа, а кој не.
Ова го кажува првиот човек во тоа време на тоа министерство, Миле Јанакиески во еден од телефонските разговори кои денеска се слушаат на рочиштето за изборни измами за предметот „Титаник“.
Во друг од разговорите Јанакиески на соговорничка ѝ вели „во транспорт да формираат мал кол центар“.
Од разговорите на ден пред гласањето се слуша дека членовите, вработените и лицата од нивните списоците биле терени да излезат на гласање пред 9 часот, во спротивно им ѕвонеле да излезат. За секое избирачко место имало обезбедено по еден телефон за да им се врти на тие што не излегле.
Кој не излегол знаеле бидејќи, според она што може да се слушне во бомбите, имале нивни луѓе на кутиите, набљудувачи, а и човек пред секое избирачко место со список.
Соговорниците во разговорите кажуваат дека на граѓаните им кажале дека ќе знаат како гласале според серискиот број на гласачкото ливче, како и тоа дека им правеле и двојна контрола така што им викале после гласање да одат во месниот комитет да се потпишат дека излегле.
Од разговорите можеше да се слушне и дека се вршело притисок врз војници, лекари, вработени во културни институции итн.
– Дај вклучи го и генералот и 40 и нешто војници. Ќе гласаат за ВМРО инаку нема да бидат војници – вели Јанакиески на еден од соговорниците во „бомбите“.
Има разговори во кои се зборува и за лекарите, околу 300 комада, како што ги викаат, на кои им било кажано до 8.30 да излезат на гласање со деца и со цели фамилии.
Помеѓу „бомбите“ имаше и такви во кои Јанакиески и вели на тогашната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска да им се јави на една вработена во Македонска филхармонија и на една во Македонката опера и балет (МОБ) за да излезат да гласаат. Сличен разговор Јанакиески има и со тогашниот министерот за труд и социјална политика Диме Спасов за вработена во некој социјален центар.
Според „бомбите“, притисокот оди до таму што Јанакиески дури и лично им се јавува на граѓани ден пред гласањето.
– Душко, од месен комитет ми кажуваат дека сте пасивни, не сте сакале да гласате. Има вистина во тоа? – го прашува Јанакиески по партискиот член.
– Не, тамн работа – одговара соговорникот велејќи дека уште од сабајле ќе гласа со семејството.
– Добро. Така треба да биде – вели екс министерот.
За ваквите јавувања дека „лично министерот им се јавува“, тој разговара и со поранешната заменичка министерка за правда Билјана Бришковска Бошковска, исто така обвинета во „Титаник“, со која се смеат и меѓу другото, ѝ вели дека „тоа има ефект“.