И „Македонијалек“ влезе во трката за набавка на нови вакцини

Тендерот тежи над 10 милионi евра, а pред јавното отварање на понудите, од Комисијата за јавни набавки констатираа дека „нема негативни референци за ниту една фирма-учесник на тендерот“,

167

И компанијата „Македонијалек“ ќе се трка за набавка на нови вакцини за редовна имунизација на населението на јавниот повик што го распиша Министерството за здравство, каде денеска се отвараа понудите. Тендерот тежи над 10 милиони евра, поточно 661 милион 25 илјади и 446 денари, а освен „Македонијалек“, се пријавија и веледрогериите „Д-р Пановски“, „Елбијор„ , „Алкалоид Конс“ и „Феникс-Фарма“.

Пред јавното отварање на понудите, од Комисијата за јавни набавки констатираа дека „нема негативни референци за ниту една фирма-учесник на тендерот“, а меѓу останатите, ќе се набавуваат и нови МРП вакцини, ХПВ и други. Овој повик за набавка на нови вакцини е во ек на епидемија на мали сипаници и скандалот со 625 вакцини МРП (морбили, рубеола, паротит) во пунктовите за вакцинација на кои, како што беше кажано, во  „Македонијалек“, односно во фирмата-увозник, била залепена погрешна декларација, со веќе изминат рок на траење, иако вакцините се со добар рок.

За овој прекршок надлежните од Министерството за здравство и МАЛМЕД најавуваа од максимална парична казна од 25.000 до 50.000 евра, до одземање на лиценцата за работа на „Македонијалек“ и раскинување на договорите за работа, како и можност за дисквалификација на нови јавни огласи, но до денеска не е изречена никаква мерка. За случајот во меѓувреме, се заинтересира и Јавното обвинителство на РМ кое отвори предмет по допрен глас, па се одложи и најавеното уништување на овие вакцини.

Директорот на МАЛМЕД (Агенцијата за лекови на РМ), Ќахил Ибраими, за Плусинфо изјави:

– Предметот со МРП вакцините го има земено Јавното обвинителство, а казната сѐ уште не е изречена. Ние на веледрогериите им даваме дозвола за работа, ги контролираме и изрекуваме казни, ако има прекршоци. За овој прекршок со погрешно залепените декларации на кутиите од МРП вакцините беше предвидено да одиме со максимална казна од 50.000 евра. Но колку што можам да разберам од правната служба, ефектуирањето на казната зависело и од бројот на вработени во фирмата, па дури и од годишниот план за работа, така што и доколку ја изречеме максималната казна, произлегува дека толкава не мора да биде и крајната сума што фирмата ќе треба да ја плати, туку можело да биде и помала – околу 35.000 евра – изјави директорот Ибраими.

И компанијата „Македонијалек“, како и Министерството за здравство и Агенцијата за лекови, тврдат дека МРП вакцините се со исправен рок, а дека на кутијата од вакцините била погрешно залепена само декларацијата. Беше решено вакцините да бидат уништени на депонијата Дрисла, но Обвинителството нареди истите да се обезбедат и чуваат за потребите на истрагата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...