Бизнисменот Сеад Кочан, исто како што беше случајот и со поранешниот премиер Никола Груевски, ќе чека упатен акт кога и во кој затвор да замине за да ја изврши затворската казна за предметот „Труст“ откако истата стана правосилна со одлука на Апелацискиот суд во Скопје.
Второстепениот суд му ја намали казната на од шест години на четири години и осум месеци затвор, додека на синот на пратеничката Виданка Авировиќ, Василије, во истиот предмет му ја преиначи затворската казна од три години на две, но условно односно таа нема да се изврши ако во наредните пет години тој не стори ново кривично дело.
Процеурата за заминување во затвор на Кочан налага дека прво одлуката на Апелација треба да пристигне во Основниот суд Скопје 1.
Оттаму вела дека кај нив сѐ уште не пристигнало ништо.
Во Основниот суд, според АКМИС системот предметот ќе биде распореден кај судија за извршување санкции кој во период од осум дена ќе треба да изготви упатен акт со датум и затвор во кој бизнисменот ќе ја изврши казната.
Датумот кога Кочан ќе треба да се јави во затвор судијата треба да го определи на тој начин што ќе му остави најмалку осум, а најмногу 13 дена од денот на приемот на упатниот акт.
Предметот во кој се осудени Кочан и Авировиќ се однесува на злоупотреба со јавни набавки односно на добивање на тендер од ЕЛЕМ вреден 17,3 милиони евра со лажни документи.