Инстутутот за јавно здравје ја следи состојбата во светот, го засилува надзорот на САРИ (Сериозни Акутни Респираторни Инфекции) во земјата, а Лабораторијата за вирусолошка и молекуларна дијагностика, освен тоа што ги тестира добиените материјали на грип, негативните примероци ги тестира и на цела палета од 21 респираторен вирус, меѓу кои и коронавируси, Исто така, ИЈЗ е во процедура на набавка на тестови за дијагностика на новиот корона вирус и ќе располага со нив во догледно време, тврди во интервјуто за Плусинфо, прим. д-р Гордана Кузмановска, раководителка на Секторот за контрола и превенција на заразни болести во Институтот, по појавата на новиот мистериозен вирус во Кина којшто предизвикува тешки воспаленија на белите дробови. Досега е регистриран еден смртен случај.
СЗО вчера го подигна алармот и ги предупреди здравствените власти во сите земји во светот да внимаваат на ширење на овој вирус.
Сите заразени досега имале контакт со пазарот на морска храна во градот Вухан во Кина. Имаат ли некаква врска свежата морска храна, или некои видови морски риби или можеби алги, за појавата и ширењето на овој нов вирус?
– Заедничка за сите случаи е изложеноста на пазарот на морска храна на големо во градот Вухан, каде може да се најдат сите видови на морска храна и живи животни. Засега, нема податок кој посочува на некој посебен вид на храна или животно како извор на инфекцијата.
Што значи, и за науката и за светското население, дека е потврден нов вирус од групата на Коронавируси, од кој досега заболеа 59 лица во Кина, а веќе се шири и во Тајланд, но еве и во Јапонија каде се регистрирани првите случаи?
– Откако на 31. Декември, Министерството за здравство на Кина ја извести СЗО за појава на повеќе случаи на пневмонија од непознат причинител во градот Вухан, многу брзо беше потврдено дека се работи за нов Corona virus (nCoV), како предизвикувач на овие заболувања. Терминот – нов коронавирус – означува дека станува збор за нов вид на коронавирус, кој претходно не бил идентификуван во хуманата популација.
Истражувањата на изолираниот вирус, генетски го детерминираа како нов корона вирус од родот Бета-коронавируси, по својата генетска структура многу сличен на САРС вирусот (89% преклопување на генетските секвенци). Лабораториски се потврдени 41 случај од заболените, од кои само кај еден случај болеста завршила со смртен исход (ова лице имало историја на други болести). Болеста не се шири повеќе, последниот случај добил симптоми на 2. јануари 2020, откога нема регистрирано нов случај во Кина. Нема заболувања кај здравствени работници, ниту е документиран пренос од човек на човек.
Во Тајланд е потврден еден увезен случај на заболување од новиот корона вирус на 13. јануари, и тој е првиот и, засега, единствен случај надвор од Кина, пријавен до СЗО од страна на тајландските јавно-здравствени власти. Станува збор за 61-годишна жена од Кина која веќе развила знаци на болест во својата матична земја, но сепак со туристичка група допатувала во Тајланд, каде била детектирана на самиот аеродром, хоспитализирана, итно тестирана и потврдена како случај. Има позитивна епидемиолошка врска, била на пазар на свежа храна во кинескиот град Вухан пред да се разболи, место кое ги поврзува сите претходно потврдени случаи.
Не предизвикува грип
Какви сè болести можат да предизвикаат коронавирусите ?
Коронавирусите се големо семејство на вируси кои предизвикуваат болести кои се движат од обична настинка до потешки заболувања. Коронавирусните инфекции се зоонози, што значи дека тие се пренесуваат од животните и луѓето и во иднина не е чудно и невообичаено ова почесто да се случува, бидејќи како што се подобрува надзорот над заразните заболувања низ целиот свет, веројатно ќе бидат идентификувани и сè повеќе Коронавируси. Но да нагласам дека Коронавирусите не предизвикуваат грип! Иако и вирусот на инфлуенца и корона-вирусните инфекции може да предизвикаат цела една широка палета на различни клинички форми на болест, со многу слична клиничка слика/симптоми. Многу голем број различни микробиолошки агенси може да дадат и слични симптоми на болест. Во последните 20-тина години, три пати била прескокната бариерата животно-човек и корона-вирусни инфекции биле пренесени кај луѓето – SARS-CoV во 2002 година (Кина) и MERS-CoV во 2012 година (Саудиска Арабија), пред последниот настан со новиот Коронавирус, 2019-2020.
Да се утврди изворот и начините на ширење на инфекцијата
Дали и што во моментов Македонија треба да преземе за евентуална заштита од населението од новиот вирус? Доволно ли е што ги следиме и применуваме препораките на СЗО ?
– Македонија како земја – членка на СЗО и Институтот за јавно здравје, како контакт институција со ЕЦДЦ и СЗО, ги следи будно сите настани, преку информациите што СЗО, ЕЦДЦ и Министерството за здравство на Кина ги споделувааат ажурно, и се однесува согласно прописите и барањата на Меѓународниот Здравствен Правилник, и проценката на ризикот од меѓународните референтни институции.
Во овој момент, потребно е да се продолжи со истражувања за добивање на посеопфатни информации за да се разбере актуелната состојба и можниот иден развој на ситуацијата, да се утврди изворот, начините на пренесување, можноста за ширење на инфекцијата и потребните противепидемиски мерки.
Прелиминарното одредување на новиот вирус ќе им помогне на властите во другите земји, па и во Македонија, да спроведат мерки за откривање и одговор на болеста.
Се следат препораките на СЗО, која во моментот не препорачува било какви специфични мерки за патниците во меѓународниот сообраќај, ниту примена на какво било ограничување на патувањето или трговијата во/со Кина.
СЗО ги охрабрува сите земји да го зајакнат надзорот за сериозни акутни респираторни инфекции (САРИ), внимателно да ги разгледаат сите невообичаени појави на случаи на САРИ или пневмонија и да го известат СЗО за кој било сомнителен или потврден случај на инфекција со нов коронавирус.
Земјите се охрабруваат да продолжат со зајакнување на нивната подготвеност за итни случаи во согласност со Меѓународниот здравствен правилник (2005).
Што лично сметате, д-р Кузмановска, можно ли е да се појави светска епидемија (пандемија) предизвикана од новиот вирус ?
– Врз основа на достапните информации за овој настан во моментот и фактите за коронавирусните инфекции, не сметам дека е можна светска епидемија-пандемија предизвикана од новиот коронавирус. Ќе повторам, потребни се сеопфатни информации за да се разбере природата на заболувањето, да се утврди изворот, начините на пренесување, можноста за ширење на инфекцијата, за да се дадат посолидни проценки.