Нашето основно барање е избор на главен државен ревизор, без кој сме речиси две години, а ниту изборите не може да се одржат, ако нема ревизија на трошењето на парите од изборната кампања. Надлежните да разберат до каде сме доведени, не по наша вина, со неизбирање на главен државен ревизор, без чиј потпис не можеме да донесеме ни програма за работа, но ниту да ги платиме режиските трошоци, па ќе останеме и без струја и вода, предупреди на денешната прес-конференција Мијалче Дургутов, ревизор и одговорен за комуникација со јавноста во Државниот завод за ревизија.
Вкупно 94 вработени во оваа институција, кои се појавија и пред камерите, освен без прв ревизор, се и без исплатена октомвриска плата, придонеси за здравствено и пензиско осигурување, право на боледување и друго.
Но, овие врвни професионалци личниот интерес го ставаат во втор план, пред професионалниот хендикеп што од октомври годинава се и без заменик директор, па сите сработени предмети, наместо да ги достават до субјектите кои биле предмет на ревизија, стојат во нивните фиоки. Оваа ситуација, завод за ревизија да е без прв човек, велат е прв ваков случај и во Европа, до чија еснафска организација INTOSAT (меѓународна организација на врховни ревизори) алармирале исто така за овој преседан.
И секако, тие се обратиле и до претседателот на Собранието, Талат Џафери и до Комисијата за избор и именувања. Но уште чекаат да падне меѓупатриски договор кој да седне во главната ревизорска фотелја.
– Ни предложија да се назначи лице од финансии, само за исплата на плата и сите обврски што стасуваат, бидејќи долгот на институцијата веќе достигна 1,2 милиони денари. Ова е само дел од нашата агонија, но предупредуваме дека сме блокирани и тоа токму во делот на доизработката на ревизорските извештаи за оваа година, а ако не дојде до брз избор на главен ревизор, нема да можеме да ја донесеме ниту Годишната програма за работа за 2020 година, ниту да ја реализираме истата. Се надеваме дека набрзо ќе има договор меѓу партиите и дека ќе биде свикана седница на која ќе добиеме директор. Бараме да работиме – нагласи Дургутов.
Сите нивни извештаи веќе два месеци, по 4. октомври, не може да ги испратат за одговор до субјектите на ревизија – нема кој да потпишува.
– За оваа година планиравме 54 ревизии, а имаме 11 конечни извештаи, 12 се уште во тек и треба да бидат завршени до крајот на годинава. Останатите се готови, но нема кој да ги потпише, за да бидат испратени – изјави ревизорката Лилјана Стојанова.
Во врска со тоа се врши ли ревизија и на бонусите што ги делело СЈО, ревизорите со одговор:
– Да, има ревизија и на бонусите во СЈО и тоа далеку пред овие случувања. Работиме на ревизија на работата на СЈО согласно стандардите, а должни сме да почитуваме тајност на податоци – одговори Дургутов.
Од новинарите на пресот тие дознаа дека собраниската седница на која се очекува конечно да биде именуван главнио ревизор е закажана за 11 декември.
А за тоа дали размислуваат и за протест или штрајк поради оваа ситуација, тој вели дека засега тоа не е во план.