Во Скопје има повеќе од 60 заразени со заразна жолтица, меѓу кои многу ученици. Во целата земја има 150 случаи, а веќе е прогласена и епидемија во неколку градови. За тоа дали оваа заразна болест се пренесува од еден на друг, може ли дете да се разболи ако си игра со истите играчки од другарчето кое веќе добило жолтица, колку е опасна оваа болест, за Плусинфо зборува прим. д-р Гордана Кузмановска, раководителка на секторот за контрола и превенција на заразни болести во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Бројот на заболени на месечно ниво (за последните 3 месеци во годинава) покажува зголемување од 2-6 пати во споредба со 2018, а од 9 отсто – 90 отсто во споредба со просечниот број заболени за последните 10 години. Од 01 септември 2019 до третата недела од декември, во ИЈЗ се пристигнати пријави за вкупно 111 случаи на хепатитис А, ако се додадат и 39-те пријави за неозначен хепатитис, тогаш бројот е 150. Најголем број заболени во 2019 година се пријавени во Кочани (49 – само хепатитис А) и Скопје (52 хепатитис А и 41 неозначен хепатитис).
Болест на нечисти раце
– Хепатитис А е акутна заразна болест на црниот дроб предизвикано од вирусот на хепатитис А (HAV). Болеста се вбројува во групата на цревни заразни заболувања, и уште се нарекува и „болест на нечисти раце“, што јасно укажува на начинот на ширење на заболувањето. Иако најчест начин на пренос на ова заболување е контактниот – со директен контакт од човек на човек или индиректно преку загадени предмети од околината, вирусот може да се пренесува и преку загадена храна и вода. Контаминирање на храната (вклучува и замрзната и незготвена храна) со хепатитис А може да се случи во кој било момент: одгледување, берба, преработка, ракување, па дури и по готвење. Контаминираноста на храната или водата е со поголема веројатност да се појави во земји каде хепатитот А е чест и во области каде има лоши санитарни услови или лоша лична хигиена – вели д-р Кузмановска.
Како ризик фактори се сметаат близок контакт со заболено лице (дома, пр. грижа за некој што е болен, меѓу децата во предучилишни и училишни установи, во колективи…), патување во ендемски подрачја за оваа болест, постоечка епидемија, а поретко се јавува и кај МСМ популацијата и интравенски корисници на дрога, во вид на помали епидемии. Хепатит А, исто така, може да се пренесува со близок личен контакт со заразено лице.
Должината на инкубацијата трае од 15 до 50 дена. Бројот на заболени се зголемува од жолтица А почнува во доцна есен или во почетокот на зима. Хепатитис А е најкарактеристичен за детската возраст и најчесто се јавува кај предшколски и школски деца, а поретко кај возрасните.
Болеста најчесто поминува без симптоми или има блага симптоматологија, посебно кај децата под петгодишна возраст, додека сериозноста на заболувањето се зголемува со возраста. Хепатитис А не предизвикува хронично заболување на црниот дроб (што е карактеристика на другите типови на вируси на хепатит – Б и Ц, на пример) и има ниска стапката на смртност (0,1-0,3%). Прележување на болеста пружа доживотен, солиден имунитет. (повеќе за болеста на страницата на ИЈЗ: http://iph.mk/virusen-hepatitis-a-bolest-na-necisti-race/)
Во тек три епидемии во Македонија
Во тек се три епидемии во Македонија: во Кочани (ромско маало) – пријавена во јули месец, досега е заболено 51 лице; во Пробиштип (епидемија пријавена во училиште) – во октомври, досега се заболени 4 лица; и во Крива Паланка (зафатени 2 училишта) – пријавена во ноември, досега се заболени 15 лица. Во Скопје, прогласена е епидемија во населбата Даме Груев во Ѓорче Петров, а од септември до 20. декември во градот се регистирани 62 случаи на заразна жолтица.
– Може да настане заболување при игра со играчки или други предмети со кои заболено лице било во контакт. Иако е поретко кај постарите, сепак во домот е можен пренос и заболување на повозрасни лица кои немаат имунитет (не ја прележале болеста) доколку не се следат мерките за контрола и превенција на заболувањето – вели д-р Кузмановска.
Како да се превенира?
– Основната превенција од хепатитис А е иста како и кај другите цревни заразни заболувања т.е. редовно одржување на лична и општа хигиена. Континуираните едукации на населението за секојдневно одржување на добри хигиенски навики е најдобар начин во превенцијата на вирусниот хепатитис А. Правилното миење на рацете со сапун и со хигиенски исправна вода по секое користење на тоалет, пред и во текот на приготвувањето на храната, како и пред секое консумирање на намирници, спречува контактното ширење на оваа инфекција. Исто така, важно е да се употребува хигиенски исправна вода за пиење и да се води сметка за хигиенската диспозиција на отпадните материи, за што се грижат соодветни надлежни институции. Болеста може да се спречи и со давање на вакцина против хепатитис А – вели д-р Кузмановска.
Предучилишните и училишните установи се места каде може да дојде до ширење на заболувањето доколку во колективот има заболени деца и доколку не се следат мерките за контрола и превенција на заболувањето. Хепатитис А може да се превенира преку подобрување на санитарно-хигиенските услови (во предучилишните и училишните установи треба да има обезбедено сапун за миење раце, потребно е одржување на личната хигиена на децата и персоналот, по докажан случај во установата да се изврши темелно механичко чистење и дезинфекција на просториите и предметите со кои бил во контакт), а потоа континуирано, зачестено чистење и дезинфекција на тоалети, работни површини, предмети за општа употреба во училниците и просторот за престој на децата, како и обезбедување на сите услови за користење на безбедна храна и вода за пиење. Во светот не се спроведува задолжителна имунизација против хепатитис А.