И директорот на Неврохирургија се заразил со морбили, не примил втора доза вакцина

825

Меѓу пациентите заболени од морбили кои се на Клиниката за инфективни болести, веќе три дена е и директорот на Клиниката за неврохирургија, д-р Владимир Рендевски, јавија неколку медиуми.

Според изјавите на д-р Рендевски, тој не знае како се заразил со мали сипаници.

– Еве веќе трет ден сум на Клиниката за инфективни болести. Денес сум малку подобар, инаку бев со висока температура и со треска. Минатата недела имаше и други два-тројца вработени од Клиниката за Неврохирургија кои заболеа и тие не се на работа. Секој ден сме во контакт со пациенти од различни делови на земјата, кои и амбулантски ги прегледуваме. Затоа апелирам до сите што не се вакцинирани – да се вакцинираат, изјави д-р Рендевски.

То додава дека не ја примил втората доза од МРП вакцината.

– Како дете сум вакциниран против мали сипаници, но изгледа само со една доза од вакцината. Нема штета луѓето да се ревакцинираат, без оглед на тоа дали имаат една или две дози. Епидемијата се шири и затоа треба построго да се применуваат овие мерки – нагласува д-р Рендевски.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат велат дека Клиниката треба да формира комисија за интрахоспитални инфекции која ќе преземе мерки за дезинфекција на просториите.

Институтот за јавно здравје објави дека неделава од мали сипаници има нови 110 заболени, а повеќе од половината не се од Скопје.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...