По Детската клиника, и скопска Гинекологија најстрого ги забрани посетите на родилките, трудниците и бебињата кои се хоспитализирани на оваа Клиника.
Раководниот тим на оваа Клиника уште пред повеќе од една недела решил да ги забрани посетите, поради епидемијата со мали сипаници и вирусните инфекции на дишните патишта во овој период.
Според гинеколозите, сакаат и на овој начин да ги заштитат пациентките, бидејќи малите сипаници кај нив можат да бидати фатални.
Д-р Адела Стефанија, гинеколог на оваа Клиника, во изјава за Сител, вели:
– Строго е забранета посета за да ги заштитиме жените и бебињата бидејќи ако дојдат во контакт со заболен со морбили последиците можат да бидат катастрофални по здравјето и на родилките и на бебињата. Доколку, на пример, во некоја амбуланта биде примена жена со мобрили, веднаш потоа се преземаат сите мерки согласно протоколите за чистење на просторијата за да бидат примени други пациентки – вели д-р Стефанија.
Таа предупредува дека кај предвремено родените бебиња малите сипаници можат да бидат смртоносни а болеста е опасна и кај трудници во првото тромесечје.
– Ако заболат во првите 12 недели од бременоста, тогаш ние гинеколозите ги советуваме да абортираат, а опасно е и во последните три месеци од бременоста да се заразат соморбили, вели др. Стефанија.
Освен кај трудници и родилки, ограничено е и влегувањето кај оперираните жени.
На Гинекологија, за среќа, досега немаат ниту еден заболен со морбили меѓу медицинскиот персонал.