И втората пратка вакцини против грип во Скопје оди како алва

105
EPA/SEBASTIEN NOGIER

Голема е заинтересираноста на скопјани за заштита против сезонски грип, па веќе е при крај и втората пратка од набавените 1.500 вакцини, кои се наплатуваат по 650 денари. Првата пратка од 4.000 дози беше потрошена за само три-четири дена уште во почетокот на месецов.

– Едвај 400 дози останаа од втората пратка што почнавме да ја трошиме во понеделникот. Освен постарите, се имунизираат и помлади лица на околу 30-годишнма возраст, но и деца со хронични белодробни заболувања. А од бесплатните вакцини за пензионери има доволно и нив ги даваме со закажување на „Мој термин“. Погодува тоа што и времето почна да заладува, што влијае да се намали и ширењето на вирусите, па состојбата со грипот не е алармантна. Иако со вакцинација почнавме во ноември, има доволно време за организмот да стекне имунитет, бидејќи за тоа треба да поминат 15-ина дена. Досега се пријавени и малку заболени од грип – во Скопје, на пример, во минатата недела имаше само 12 случаи – објаснува д-р Биљана Даниловска, раководителка на одделението за епидемиологија во Центарот за јавно здравје.

Таа нагласува дека со оглед на глобалното затоплување и климатските промени, грипот е присутен речиси во текот на целата година.

– Точно е дека порано од ноември до април беше сезона на грипот, но сега, поради тоа што е изменета дистрибуција на микробната био-маса, случаи на грип се пријавуваат цела година и во мај, јуни, освен во лето. А вакцини против грип ни бараат и граѓаните кои патуваат во САД, бидејќи за да добијат виза им бараат и сертификат дека ја примиле и оваа вакцина – додава д-р Даниловска.

Скопскиот Центар за јавно здравје не располага со пнеумовакс – вакцина која заштитува од белодробни заболувања, бидејќи никој од добавувачите не се јавил на огласот за јавна набавка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...