Мобилна лабораторија за испитување на хемиски вредности и физички константи на јаглеводороди во нафтените деривати и 13 возила за борба против сивата економија беа промовирани денеска, а во присуство на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, министерот за економија, Крешник Бектеши, директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски и директорката на Бирото за метрологија, Мерита Мустафаи.
Тие ја истакнаа важноста на оваа набавка во борбата против сивата економија и овозможување граѓаните да ја добиваат секогаш најквалитетната услуга а на институциите им се овозможува непречена работа со тоа што од сега ваквиот вид на испитувања ќе ги вршат во Северна Македонија, а не надвор од земјата, информираа од Владата.
– Владата на Република Северна Македонија, и посебно институциите во нејзин состав надлежни за овие активности, постојано водат грижа и ќе водат грижа за унапредување на стандардите и квалитетот на услугите кон граѓаните.
Посебно внимание во таа насока се посветува на квалитетот на нафтените деривати, кои како доминантен енергенс во транспортот и сообраќајот, мора да бидат ставени под засилен мониторинг во однос на нивните енергетски стандарди, но исто така и во однос контролата на дозволеното ниво на штетни материи како закана за животната средина и здравјето на граѓаните – изјави премиерот Заев:
Тој додаде:
– За квалитетот на нафтените горива во Република Северна Македонија се грижат акредитирани лаборатории за нафтени деривати. Овие лаборатории ги имаат усвоено најновите Европски стандарди за квалитет на горивата и сите, согласно законската регулатива, мора да ги задоволуваат тие квалитети, а за резултатите кои произлегуваат од овие лаборатории, не треба да постои никаков сомнеж.
Сепак, како мерка на дополнителна грижа за квалитетот на горивата и за квалитетот на услугите кон граѓаните, државата презеде мерки за ад хок мониторинг на контролата на квалитетот на нафтените деривати.
Остварувањето на таа цел не собра денеска овде сите, на оваа промоција на мобилната лабораторија за испитување на хемиските вредности и физичките константи на јагле-водородите во нафтените деривати.
Мобилната лабораторија, која ќе биде опремена според највисоките стандарди, со софистицирани инструменти кои ќе мерат 9 карактеристики на нафтените горива, ќе овозможи на лице место, на терен, да се провери квалитетот на горивата и дали се тие согласно пропишаните стандарди- додаде Заев.
Станува збор за конкретни чекори за мониторинг на целиот пазар, со цел граѓаните да можат реално да видат кој го пласира, како го пласира и со каков квалитет го пласира горивото во домашниот промет.
Оваа нова активност на Бирото за метрологија, кој ќе ја менаџира работата на современата мобилна лабораторија, претставува чекор напред во поглед на заштита на потрошувачите.
Со воведувањето на овој национален мониторинг, бидејќи мобилноста на лабораторијата ќе овозможи да биде покриена територијата на цела држава, нема да има потреба од користење на услуги од дополнителни лабораториски испитувања надвор од границите на државата, како што впрочем и досега се правеше.
Отпочнувањето со работа на оваа мобилна лабораторија за испитување на квалитетот на течните нафтени горива има клучна улога во процесот на усвојување и хармонизација на националното техничко законодавство со она на Европската унија и, секако, неговата практична примена.
Со јакнење на капацитетите на Бирото за метрологија, се обезбедува повисок квалитет на услугите кон бизнис заедницата, потрошувачите и граѓаните.
Она што е дополнителна вредност на денешната промоција е и директната соработката на Бирото за метрологија со Државниот пазарен инспекторат.
Инспекторатот, чии капацитети од денеска се засилени со нови 13 возила за работа на терен, заедно со мобилната лабораторија на Бирото за метрологија, ќе соработуваат на терен, во ад хок мониторингот на квалитетот на горивата, и ќе имаат можност веднаш да преземат мерки, согласно нивната надлежност, доколку наодите на лабораторијата потврдат нарушување на стандардите и квалитетот на нафтените деривати.
Поддршката за развојот на метрологијата, како и целокупната инфраструктура за квалитет, во интерес на граѓаните, и натаму останува приоритет на нашата Влада.
Во таа насока на двете институции им посакувам успешна соработка, со препорака секогаш пред себе да го имаат интересот на граѓаните кои заслужуваат секогаш да ги добиваат најдобрите услуги и најквалитетните производи согласно европските стандарди.
Напоменуваме, наша намера не е да казнуваме, но секако да укажуваме, да превенираме, за да може да ги заштитиме граѓаните и добро да им служиме. Доколку се повторуваат прекршоците тогаш доаѓаат и казните. Но истовремено, тоа ќе помогне во отстранување на лојалната конкуренција и што е најважно за заштита на здравјето на граѓаните.“