Со апаратот за дијагностички ултразвук на тироида и вратна регија, што ќе го добие Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина, и во боја ќе може да се гледаат промените на тироидната жлезда, односно во боја ќе биде прикажана васкуларизација на туморот и на другите промени. Има над 20.000 прегледи годишно за овие заболувања на Институтот, а половина од пациентите имаат потреба и од ултразвук или пункција.
Апаратот е донација од Јапонската влада, а Договорот за грант од 23.165 евра за негова набавка денеска потпишаа амбасадорката на Јапонија, Кеико Ханеда и деканот на Медицинскиот факултет, Соња Топузовска.
Директорката на Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина, Даниела Миладинова рече дека дневно имаат по околу сто пациенти, а за пункција се чека не повеќе од еден месец.
– Имаме два ехо апарати на Институтот, едниот е стар десет години, а другиот шест. Третиот апарат ќе ни биде од непроценлива помош за подобрување на рутинската дејност, за помалку чекање, за поголем број цитодијагностички пункции, бидејќи работиме со големи напори листите на чекање да бидат што пократки и пациентите да чекаат што помалку време. Тироидната патологија бележи пораст, не само нарушувањето на функцијата на тироидната жлезда, туку и тироидниот карцином заедно со малигниот меланом се малигни тумори кои покажуваат зголемена инциденца. Овој ултразвучен апарат ќе помогне многу за подобра дијагностика и поефикасна терапија на болните, рече Миладинова.
Министерот за здравство, Венко Филипче, се заблагодари на помошта.
– Изразувам голема благодарност до амбасадорката, Амбасадата, до народот на нашата пријателска Јапонија со оглед на тоа што е еден континуитет на помош во секторот здравство кој стигнува со години и е резултат на многу детална анализа за што вистински ни треба од опрема во нашиот здравствен систем. Со овој ехо апарат ќе може и да се зголеми бројот на пациенти кои се дијагностицираат, ќе се скрати времето на чекање, а ќе добиеме и најсовремена форма на дијагноза водена под ултразвук, за да се избегнат компликациите.
Амбасадорката на Јапонија, Ханеда, рече дека соработката на Јапонија на медицинско поле има долга и успешна историја, а овие врски и размени треба да продолжат да се засилуваат и понатаму.