И бугарските обвинители ќе спроведуваат истрага за несреќата кај Солунска глава

160

Обвинителството во Софија отвори предистражна постапка за уривањето на авионот „цесна“ кај Солунска глава на 2 април кога загина четиричлено семејство од Бугарија.

Софиското обвинителство соопшти дека ќе бидат сослушани вработени во дирекцијата за конзуларни односи во бугарското МНР кои се запознаени со случајот, како и претставници на надлежните за цивилниот воздушен сообраќај во Северна Македонија, во врска со информациите за силна турбуленција и за изгубена контрола на пилотот врз воздухопловот, пренесува Бгнес.

Обвинителството ќе побара информации за спроведените експертизи во Северна Македонија, а се разгледува и можноста за дополнително утврдување на евентуален дефект на авионот.

Истрага за авионската несреќа почнаа и надлежните во Северна Македонија. Формирана е комисија за истражување на несреќата во која покрај претставници на Комитетот за истраги на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти – КИНСИВ, ќе бидат ангажирани и надворешни експерти од доменот на цивилното воздухопловството. Во координација со властите во Софија, договорено е дел од комисијата да бидат и двајца бугарски истражители.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...