И методата бебе од епрувета се планира да се практикува преку јавно-приватно партнерство на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство, каде за оваа намена третиот кат најверојатно би се издал под закуп на заинтересирана приватна болница.
Комисијата за јавни набавки при Министерството за здравство преку електронскиот систем за јавни набавки, пред неколку дена објавила Оглас за јавна набавка на Изработка на физибилити студија. Огласот, како што се наведува, е „за анализа на можностите за изнаоѓање најдобар модел за искористување на капацитетите на одделот за ин витро фертилизација при ЈЗУ Универзитетска Клиника за гинекологија и акушерство Скопје, како и за основните показатели за природата на договорот што треба да биде склучен со цел воспоставување јавно-приватно партнерство.
Огласот е отворен до 3. јануари, а понудувачот за 10 илјади евра треба да изработи студија со која би се разгледале опциите за зголемување на капацитетот во државните институции и воведување методи кои ги нема во приватните болници.
Од Министерството за здравство појаснуваат дека сакаат да го зголемат капацитетот во државните институции, да ангажираат повеќе експерти и да воведат методи кои ги нема во приватните болници.
– Досега, најголем број од пациентите за ин витро постапката одеа во приватните болници. И натаму остануваат во употреба ваучерите и во државната клиника, но ќе го развиваме и јавното приватно партнерство за зголемување на квалитетот на услугата. Очекуваме студијата да ја покаже економската оправданост – велат од Министерството.
Моделот на јавно-приватно партнерство од 1. јануари ќе почне да „чука“ за проектот Детска кардиохирургија, кој од Клиниката за детска хирургија се сели во Приватната болницата „Жан Митрев клиник“.