Режисерот Владимир Милчин и поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски, кои беа лустрирани, се сомневаат дека предлог законот со кој одлуките од лустрацијата и правните последици ќе станат ништовни, а кој вчера помина на влада, ќе има позитивен ефект. Напротив, тие стравуваат дека предизборно партиите може повторно да се препукуваат со минатото на лустрираните, бидејќи како што велат, ако нема одговорност за нарачателите на лустрацијата и за спроведувачите (Комисијата за верификација на фактите и Управниот суд) сѐ ќе се сведе само на предизборен политички маркетинг.
– А дали Предлог-законот предвидува санкции за Аџиев и компанија за кршењето на човекови права? На кој суд лустрираните треба да бараат отштета? На Управниот кој ги потврдуваше одлуките на Аџиев и компанијата, без да им даде право на одбрана на лустрираните? А Вишиот управен суд ги потврдуваше по автоматизам, одново во отсуство на лустрираните! Каде се сега аминџиите во комисијата, на кои функции? Сега треба да заборавиме на таа чистка нарачана од Грујо и да се расправаме за тоа кој треба да плати отштета? Ова е правда? – прашува Милчин на Фејсбук.
Тој во разговор со Плусинфо вели:
– Ова за мене е цинизам и нема врска со правда. Овде одговорност нема, туку има обид за замолчување на жртвите на лустрацијата. Со ваков закон повторно нема влакно од глава да им фали ниту на Груевски како нарачател на лустрацијата, ни на Силвана Бонева како предлагач, ниту пак, на Комисијата за лустрација предводена од Аџиев. Како ќе се укинат последиците кои јас ги трпев пет години: малтретирањето, навредите, понижувањето, оневозможувањето да работам, избегнувањето. Со пари? Тоа е страшно. Ова не е мерка со која се исправа неправдата и кршењето на човековите права – вели Милчин.
Лустрираниот поранешен уставен судија Ивановски се сомнева во искрените намери на владата со новиот предлог-закон, бидејќи како што вели, тоа било дел од изборното ветување на актуелната власт, но наместо веднаш сега го предлагаат во пресрет на изборите.
– Како што вели народната „Во очи на Божиќ прасе товат“, така и владата во пресрет на избори предлага закон. Доколку е сериозна намерата тогаш е во ред, но ако е пробен балон за препукување на партиите пред изборите мислам дека е непотребен. Целиот процес на лустрација беше мачен. Непотребно е повторно партиите да кашлаат и да повраќаат врз нашето минато. Беа лустрирани починати лица, некои починаа по лустрацијата и сега, после таков галиматијас, треба да очекуваме дека ќе го видиме и тоа чудо дека грешката ќе се исправи. Ако со законот само се извинат на лустрираните, ќе нема ефект. Битно е дали ќе бидат лустрирани лустраторите и сите кои што учествуваа во процесот. Бев лустриран од судии кои потоа напредуваа во кариерата. Се плашам дека ќе биде погодена целта оти законот се носи пред избори – вели Ивановски.
Според него, доколку во законот нема насоки за казни или обележување на Комисијата за лустрација, на судии од Управниот и Вишиот управен суд, ако не се осуди и не се каже каде е грешката, тогаш предлог-законот е промашена работа.
Според владата, со законот се исправа една долгогодишна неправда направена кон лицата кои беа жртви на постапките пред Комисијата за верификација на факти и други надлежни органи, за кои јавноста беше запознаена и преку случаите на нарачаните лустрации, споменувани во објавените телефонски разговори. По сила на овој закон, во целост стануваат ништовни сите правни акти, дејствија и мерки донесени, односно преземени од Комисијата за верификација на фактите и други надлежни органи. Воедно, со овој закон во целост стануваат ништовни сите правни последици што ги произвеле правните акти, дејствија и мерки.
Од Министерството за правда велат дека оштетените лица од донесени акти и одлуки на Комисијата за верификација на фактите и други надлежни органи или нивните наследници, доколку тие се починати, имаат право на надомест на штета со поднесување на тужба пред надлежен суд против Северна Македонија, согласно одредбите од Законот за облигационите односи, во рок од 60 дена од денот на влегување во сила на овој закон.
Комисијата за верификација на фактите, пред да биде укината во 2015 година, лустрира повеќе од 300 лица, односно утврди дека тие соработувале со органите на државната безбедност, а провери повеќе од 30.000 лица поранешни носители на јавна функција, актуелни носители на функции, како и кандидати за функции. Меѓу лустрираните се најдоа професори, писатели, поранешни министри, политички функционери, јавни личности.