ИФИМЕС: Кому му пречи успешен референдум во Македонија?

722

Анализа на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) – Љубљана

Република Македонија и Република Грција на 17 јуни 2018 година во Преспа потпишаа Конечен договор за решавање на македонско-грчкиот спор околу името и стратешко партнерство. Според постигнатиот договор, ќе дојде до промена, односно корекција, на името Република Македонија во Република Северна Македонија, скратено Северна Македонија.

Во конечниот договор е запишано дека страните потписнички можат да  одржат референдум за овој договор. Република Македонија одлучи да распише советодавен референдум за постигнатиот договор, кој ќе се одржи на 30 септември 2018 година. Референдумското прашање гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот за името меѓу Република Македонија и Грција“.

Вкупниот број на регистрирани избирачи за референдумот е 1.806.336.

Никој не може да го укине македонскиот народ, идентитет и јазик

Референдумската кампања се одвива во зовриена атмосфера и силна меѓународна поддршка. Најмногу внимание заговорниците за поддршка на референдумот и противниците на референдумот посветија на прашањето за признавање на македонскиот народ, идентитет, култура и јазик. Во кампањата често се доаѓа до различни толкувања, односно интерпретации на Конечниот договор од Преспа.

Неспорен е фактот дека потпишаниот договор го потврдува државно-правниот континуитет на Република Македнија, ја потврдува етничката припадност на Македонците како народ, се потврдува и признавањето на македонскиот јазик, култура и идентитет. Со тоа се заокружува македонската државност и се потврдува идентитетот на Македонците како народ со сите свои елементи. Потпишаниот договор ги содржи сите потребни елементи, кои гарантираат опстојување на модерната македонска држава и ги афирмира Македонците како народ.

Затоа е важно, претстојниот референдум да не смее да биде партиско прашање и предмет на политиканство, туку државно, сенародно и надпартиско прашање, затоа што со успешен референдум се проектира иднината на државата преку членство во ЕУ и НАТО и се гарантира територијалната целовитост на државата која често во блиското минато беше оспорувана. На граѓаните на Македонија е важно да им се објасни и протолкува целиот договор и што тој фактички значи за Република Макеоднија и нејзината иднина. Сепак, најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ не се определи јасно, туку ги повика своите членови слободно да одлучат дали ќе учествуваат на референдумот и да гласаат според својата совест и уверувања.

Изненадува фактот што најголемата опозициска партија нема јасен став за клучното национално прашање. Меѓутоа, во ВМРО-ДПМНЕ поголем дел од раководството, основачите на партијата и членството се свесни за историската одговорност и ги повикаа своите членови да излезат на референдумот и со тоа покажаа демократски капацитет да учествуваат на референдумот како облик на демократско изјаснување, посебно кога се работи за иднината на македонската држава и македонскиот народ. Тешко е да се објасни фактот што раководството на ВМРО ДПМНЕ јавно се залага за членство во ЕУ и НАТО, а дека во клучните моменти од македонската модерна историја не сака јасно да ја поддржи евроатланската определба на претстојниот референдум. Тоа отвора сомнеж дека во формирањето на таквиот став стои странски фактор, пред сѐ, Србија и Русија.

За кого и во чиј интерес работи македонскиот претседател Иванов?

Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов експлицитно го прекрши Уставот и ја злоупотреби својата позиција дури трипати во рок од две години. Во македонското Собрание не беше покренат негов импичмент, затоа што го штити ВМРО ДПМНЕ без која не е можно со двотретинско мнозинство да се изгласа  негово отповикување. Според уставната процедура, по изгласување на отповикувањето во Собранието, Уставниот суд на Македонија исто со двотретинско мнозинство би морал да донесе конечна одлука за негово разрешување. Постапка за импичмент не е покрената поради наведените причини, иако дојде до јасно кршење на Уставот и тоа на груб и очигледен начин.

Поточно, првиот случај на кршење на Уставот на Република Македонија од страна на претседателот Иванов се случи при обврската за доделување мандат на Зоран Заев (СДСМ) согласно членот 84 став 1 од Уставот на Република Македонија. Претседателот на државата имено мора да го даде мандатот (обврзан е) на пратеникот кој има парламентарно мнозинство (преиспитувањето е едноставно, дали навистина има или нема мнозинство во Парламентот). Друго преиспитување, симпатии или несимпатии кон кандидатот и неговата политичка програма не се во надлежност на претседателот на Републиката. Спротивно од таа уставна обврска, претседателот Иванов бараше од Заев да му се „заколне“ дека во програмата нема да ја реализира таканаречената Тиранска платформа и да му исполни на Иванов други слични неуставни барања. Дури и по тоа не му го довери мандатот, се додека не следеше силен притисок од меѓународната заедница и постоеше закана за општа блокада на земјата.

Вториот и третиот случај на кршење на македонскиот Устав е околу истото прашање. Поточно, претседателот согласно Уставот, член 75 став 2 има суспензивно вето, поточно право да не потпише Указ за прогласување на закон по донесување во прво гласање. Ветото на претседателот го одлага донесувањето на законот. Меѓутоа ако истиот закон биде изгласан со апсолутно мнозинство во второ повторено гласање во Собранието, со 51 процент од гласовите на сите пратеници, претседателот на државата е должен да го потпише тој закон.

Претседателот Иванов свесно одби да го направи тоа предизвикувајќи „мала уставна криза“ во два наврати: при донесувањето на Законот за унапредување на употребата на јазиците на другите етнички заедници и при Законот за ратификација на конечниот договор меѓу Македонија и Грција. Уставниот систем на Македонија не предвидува таква моќ на претседателот на државата, која му овозможува да ја блокира работата на Собранието, затоа што претседателот на државата нема таква уставна позиција.

Се поставува прашањето за кого работи претседателот на Македонија Иванов и што го чека по завршувањето на мандатот? Во јавноста веќе се појавуваат информации дека по завршувањето на мандатот во април 2019 година, претседателот Иванов ќе ја напушти Македонија и ќе оди во егзил во една автократска држава, но пред тоа ќе мора да се соочи со македонските правосудни органи поради неуставно дејствување. Јасно е дека постојат интереси на некои држави, пред сѐ, на Србија и Русија, да се оневозможи успех на референдумот, па се поставува прашањето за кого и во чиј интерес работи претседателот Иванов? Србија и Русија не сакаат да ја видат Македонија како полноправна членка на НАТО, како и што сакаат да го спречат канонското признавање на автокефалноста на Македонската православна црква (МПЦ).

Психоаналитичарите сметаат дека со оглед на тоа што претседателот Иванов е универзитетски професор по право, неговото неразумно однесување би можело да биде објаснето како најверојатна потешкотија која претседателот ја има со својот личен идентитет или дека претседателот Иванов е уценет. Доколку е уценет значи не е слободен човек и со тоа се отвора прашањето дали може да ги извршува должностите на претседател на држава што со себе повлекува оставка или смена.

Кому му пречи успешен Референдум во Македонија?

Македонија се наоѓа пред најважната одлука во својата модерна историја. Изложена е на силен притисок на надворешни фактори во соработка со домашни сили кои сакаат по секоја цена да го спречат патот на Македонија кон полноправно членство во ЕУ и НАТО.

Поради тоа референдумската кампања обилува со многу лажни информации и искривени интерпретации на Конечниот договор меѓу Македонија и Грција.

Со успешен референдум во Македонија се менува геополитичката слика не само на Македонија, туку и на регионот.

Во ситуација кога претседателот на Србија, Александар Вучиќ (СНС) пред референдумот во Макеоднија почна приказна за прекројување на границите, важноста на референдумот е уште поголема, затоа што членството во НАТО го гарантира територијалниот интегритет на државата. Токму на Русија и на Србија не им одговара влез на Македонија во евроатлантските интеграции со помош на соседните држави членки на ЕУ и НАТО и посакуваат пропаст на референдумот, за потоа да тргнат во поделба на Македонија со поддршка на големодржавни, националистички и сепаратистички кругови од соседните држави. Постојат само две опции за Македонија: пат на Македонија во друштво на западните цивилизирани држави или да биде дел од големоруската завера, со конечна цел поделба и уништување на Македонија. Веќе се извршуваат хакерски напади на Македонија кои ќе се интензивираат со доближувањето на денот на референдумот. Хакерските напади се насочени на државните институции, Државната изборна комисија, додека на социјалните мрежи преку пласирање лажни информации, односно дезинформации и пропаганда, се прават обиди да се влијае на референдумската волја на граѓаните на Македонија со цел на тој начин да се обиде да се смени волјата на граѓаните и да се спречи успех на референдумот. На целата територија на Македонија, посебно меѓу етничките Македонци, распоредена е мрежа на агенти, кои со своето дејствување и врбување поединци се обидуваат да ги одвратат Македонците/Македонките од излегувањето на референдумот, односно да гласаат против. Симптоматично е што Србија за свој амбасадор во Македонија го именува контроверзниот Раде Булатовиќ, кој е поранешен директор на Безбедносно информативната агенција (БИА) на Србија. Претходно, советникот за безбедност во Амбасадата на Србија во Скопје беше Горан Живаљевиќ, поранешен заменик директор на БИА, кој учествуваше во насилните настани во Македонија, посебно во настаните во македонскиот Парламент кога на 27 април 2017 година беше извршен напад врз Зоран Заев и неговите соработници со обид за убиство. Режимот во Белград одржуваше тесни врски со режимот Груевски – Мијалков се до денес.

Покрај спречувањето на членството во ЕУ и НАТО, клучната причина за противење на успешен референдум се наоѓа во фазата која допрва ќе следи, а тоа е долгоочекуваното канонско признавање на афтокефалноста на Македонската православна црква кое Србија и Русија заеднички сакаат да го спречат.

Аналитичарите сметаат дека со успешно спроведен референдум на 30 септември 2018 година дефинитивно ќе биде отворен патот кон полноправно членство на Македонија во елитниот клуб на држави, како што се ЕУ и НАТО и така ќе се гарантира територијалниот интегритет и ќе се создадат услови за општ просперитет на државата. За Македонците е посебно важно канонското признавање на автотокефалноста на МПЦ, која годинава одбележува илјада години од основањето на Охридската Архиепископија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...