Итната медицинска помош се засили со 12 нови возила

254

Итната медицинска помош доби 12 нови возила опремени со најсовремена медицинска опрема. Шест од нив, ќе бидат наменети за градот Скопје, а останатите ќе бидат распределени во градовите каде што има потреба од нив.

Како што соопшти денеска Министерството за здравство, примарната здравствена заштита е основа на здравствениот систем и затоа зајакнувањето на нејзините капацитети е од круцијално значење за подобрување на здравствената заштита на граѓаните во нашата држава.

– Со новите 12 возила на Итната медицинска помош, за пациентите овозможуваме неопходната здравствена услуга да ја добијат многу побрзо и таа да биде уште поквалитетна. Дополнително, во голема мера ги подобруваме и условите за работа на здравствените работници – стои во соопштението.

При набавката на амбулантните возила, се посочува во соопштението, Министерството за здравство заштеди 12 милиони и 240 илјади денари или околу 200 илјади евра. Постигнувајќи ја најниската цена, од предвидените 30 милиони и 500 илјади денари, за 12-те возила од буџетот на Министерството, се издвоени 18 милиони и 300 илјади денари (без ДДВ).

Најавено е дека 12-те нови возила за Итната медицинска помош ќе бидат пуштени во употреба за неколку денови, откако ќе бидат регистрирани.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...