Италијанскиот парламент изгласа намалување на бројот на пратенци за повеќе од една третина, како дел од уставните реформи што ги заговара движењето Пет ѕвезди (М5С), што може од темел да ја смени политичката сцена.
Предлог-законот, кој беше поддржан од скоро сите партии, предвидува намалување на бројот на членовите на долниот дом од сегашните 630 на 400, а во Сенатот од 315 на 200.
М5С вели дека намалувањето, кое треба да стапи на сила на следните избори во 2023 година, ќе заштеди стотици милиони евра и ќе го направи парламентот поефикасен.
– Ова е голема победа за италијанскиот народ и граѓаните – рече водачот на М5С и министер за надворешни работи Луиџи Ди Мајо по гласањето.
Претставниците на партијата носеа транспаренти на кои пишуваше „милијарда евра на граѓаните“ и „Помалку пратеници, повеќе медицински сестри“.
Сепак, реформите можеби ќе треба да го поминат тестот на референдум, при што противниците ќе тврдат дека ја ослабуваат демократијата со тоа што ќе им олеснат на лобистите да влијаат на помалку пратеници.
Уставната измена се донесе во две рунди на гласање. Претставничкиот дом конечно го усвои со 553 гласови „за“, 14 „против“ и два „воздржани“.
Во големиот политички пресврт, реформата беше поддржана од Демократската партија на левиот центар (ПД), откако постигна коалициски договор со М5С, која повикува на измени во изборниот законик.