Исчистете ги дворовите за да не ви ги исчисти Шилегов со фактура

1201

Инспекторите секојдневно се на критичните точки во Скопје за загадување на воздухот. Веќе се казнети седум лица од општина Сарај, а Инспекторатот најавува поголеми акции во дворовите.

– Поголеми акции имаме во однос на дворовите. Има граѓани кои секаков вид отпад складираат во своите дворови за во зимскиот период тој да биде искористен како огревен материјал – информира главниот инспектор на Град Скопје Мирослав Богдановски, на денешната обука на инспекторите за инспекциски надзор во рамките на проектот за Платформа за почист воздух во градот Скопје, во организација на  Зелен институт, кој треба да им обезбеди на граѓаните контакти каде да пријават палење отпад.

Тој појасни дека онаму каде инспекторите ќе забележат таков отпад влегуваат, се чисти дворот, а фактурата за чистење се доставува до сопственикот на објектот.

Бодановски потенцира дека се влегува во секоја куќа, а информира дека граѓаните може да пријават ваков отпад анонимно.

Соопшти дека седумте лица се казнети во општина Сарај поради палење земјоделски површини, а дека казната според Законот за управување отпад се до 1.000 евра.

– Најголем број поплаки имаме од општините Ѓорче Петров и Сарај, каде што има палење земјоделски површини – информира Богдановски.

Во Инспекторатот на Градот Скопје има осум комунални инспектори, четири за животна средина и 16 комунални редари. Формирани се екипи од по еден комунален инспектор, за животна средина и комунален редар, кои се задолжени да вршат контрола во однос на палењата.

Во однос на индустрискиот отпад, кој во неделата беше забележан во реката Вардар, Богдановски рече дека од страна на Инспекторатот на Градот Скопје работата е завршена, а за санкционирање е надлежен Државниот инспекторат за животна средина.

– Инспекторите на Град Скопје, веднаш по случување на настанот во неделата излегоа на терен. Во рок од осум минути беше повикана акредитирана лабораторија. Односно лабораторијата на Водовод и канализација. Земавме  примероци од седум точки по течението на реката Вардар, почнувајќи од Аеродром до Јурумлери. Од страна на Град Скопје е завршена целата процедура. Записникот заедно со извештаите е предаден на Државниот инспекторат за животна средина, за понатамошно испитување – вели Богдановски.

Тој потенцира дека се работи за индустриски отпад од „Арчерол Митал“.

– Претпријатието е со А интегрирана еколошка дозвола. Постапувањето во однос на таа инсталација е во надлежност на Државниот инспекторат за животна средина. Ние ги обезбедивме податоците, мерењата на водата и сите извештаи се доставени до него – вели Богдановски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...