Општина Карпош денеска ја исчисти дива депонија во Бардовци, долж течението на реката Лепенец.
Подигнати се 550 кубни метри отпад, кој со години се таложеше на оваа локација и придонесуваше кон зголемување на аерозагадувањето. Тука се палеа и огнови на отворено и се одлагал шут.
Од општината велат дека тука ќе се постават бариери за да се спречи создавање на нова депонија, а се интензивираат и инспекциските служби на овој потег.
– Минатата недела, затворивме и депонија во Злокуќани кај фудбалското игралиште. Со тоа, изминатиов период затворивме повеќе критични точки кои со години претставувале опасност за животната средина: депонијата кај „Газела“, депониите кај С.Ц. „Борис Трајковски“ и горе посочените депонии. Исто така, започнавме со стратешки пристап кон расчистувањето на отпадот во Карпош. Оваа недела објавивме дека мапиравме 13 локации на кои има поголема количина отпад, a денешната локација е токму таква и е дел од мапираните локации. Во наредниот период продолжуваме со чистење и на останатите критични точки – изјави градонашалникот на општината Карпош Стефан Богоев.
Комуналните служби на Карпош чистат на повеќе делови од Бардовци, а се мијат и улиците со цистерни од страна на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје. Исто така, се чисти и страничниот дел од патот кој води до „Свислион“.
Општина Карпош веќе ја спроведува и информативната кампања за правилно одлагање на џебен, комунален, кабаст и електричен/електронски отпад.