Исчезнување на консензусот околу основните факти

Блискоста помеѓу либералните демократии и тоталитарните држави се темели на нивните заеднички биополитички корени, инаку би била необјаснива леснотијата со која парламентарни демократии се претворија во тоталитарни режими.

583
grcev

Дека либералната демократија е во тешка криза, практично ширум целата планета, и тоа веќе цели четири децении, долго време, да не речам и ден-денес – беше безмалку невидлив феномен. Колапсот на „реалната демократија“ од социјалистички тип во деведесеттите, е еден од чинителите што оваа криза ја направи невидлива, зашто ја завитка во победнички одори и го исполни хоризонтот со светкави конфети што ја славеа нејзината „победа“ над „комунизмот“.

Втората причина за невидливоста на страотната криза на либералната демократија е директна последица од таа глобална „победа“: таа стана општо место, сеприсутен феномен, што од страна на нејзините најголеми апологети е дури наречен и „природна состојба“ на формите на управување со модерните држави во светот. Така што, како општо место таа ја поопшти и сопствената криза и ја направи невидлива како што е тоа воздухот што не опкружува.

Па, иако е најважниот елемент на нашиот живот, воздухот – додека го има – воопшто не го привлекува нашето внимание: ние обично се интересираме само за објектите нурнати во него, што се исклучок од овој невидлив медиум. Или, како што тоа го формулирал Кјеркегор, ние „за општото никогаш не размислуваме со страст, туку со мирна површност… од друга страна, само искључокот е тој што општото го разгледува со енергија и страст.“

Подалеку од граѓанинот

Коренот на оваа глобална криза на масовните демократии е во исчезнувањето на хуманистичката и моралната содржина од државните политики и нивното се повидливо претворање во биополитики. Кога грижата на политиката стана грижа за „голиот живот“, како што го формулира Агамбен, сувереноста на државната моќ почна контроверзно се повеќе да се поместува подалеку од „граѓанинот“, а се повеќе кон припадноста на некој измислен идентитет – било да се работи за национален, народен, етнички, верски и кој било друг идентитет.

А, токму политиката на социјалната хомогенизација врз идентитетска основа беше карактеристична за биополитиката на големите тоталитарни држави на 20 век. Оваа суштинска блискост помеѓу современите либерални демократии и тоталитарните држави се темели на нивните заеднички биополитички корени, зашто, инаку би биле необјасниви леснотијата и брзината со која современите парламентарни демократии се претворија во тоталитарни режими, а тоталитарните режими практично во миг се трансформираа во парламентарни демократии. И во двете обратни трансформации „проработи“ истиот биополитички принцип што за прифатлив и пожелен систем на владеење ја смета онаа организациона форма на државата што ќе обезбеди поуспешна гаранција на грижата, негувањето, контролата и уживањето во голиот живот.

Современата бегалска криза што е навидум непосредниот поттик за масовното појавување на идентитетските хистерии и во земји во коишто тоа доскора беше незамисливо, е всушност последица, а не причина за масовното будење на фашизмот и на фашизоидните социјални феномени. Уште Хана Арент, во својата книга за империјализмот, укажа дека парламентарните демократии по дефиниција не се во состојба да ги афирмираат и одбранат човечките права врз кои конституционално – и декларативно – го темелат својот суверенитет. „Концепцијата на човечките права што е заснована на постоењето на човечкото суштество како такво (со вродени и неотуѓиви права), пропадна во истиот миг кога оние што (со полн глас) ја заговараа се соочија со (бегалците, односно со) луѓето што ги изгубија сите специфични одредници (и идентитети), освен голиот факт дека се човечки суштества,“ пишува Арент. Се покажа дека во системот на националната држава таканаречените свети и неотуѓиви човечки права во вистинската смисла на зборот исчезнуваат кога нема да можат да се поистоветат со правата што произлегуваат од државјанството односно од припадноста кон одредена национална држава.

Морална девастација

Денешното патетично хистеризирање околу загрозеноста на националното достоинство и идентитет, почитувани читатели, не е карактеристично само за нашата Македоња – кревка и најмила, непрежалена и до болка пресакана – зашто истата лажна загроза ги тресе и Америка и Англија, и Русија и Италија, и…. која се не голема парламентарна капиталистичка демократија. Тоа е истата слабост на умот, истиот дефект на човечноста што пред еден век успеа да ги воздигне националните и расните мотиви во вистиниски извори на индивидуалното и колективното здравје, и да ги породи фашистичките тоталитаризми во Европа. Исчезнувањето на вредностите на просветителството и хуманизмот, човечките и социјалните права, и нивното заменување со идеализиран, шундерски и кичиран – но и заканувачки зол и смртоносен – традиционален свет на митовите и ритуалите, што тогаш го карактеризираа глобалниот поход на фашизмот, за жал, го гледаме и денес. Го гледаме, но не можеме да го видиме.

Така што, промената на името – лично, семејно, народно, државно, уставно или кое и да е – е трошка од ништо, споредена со катаклизмата што современите историски тенденции на поништување на вредностите на моралот, разумот и хуманизмот, се закануваат да му ја приредат на светот. Планетава е пред повторна „морална девастација“, како што нарече Томас Ман во 1936 или пред „психолошки и морален слом“ што го карактеризира истата тоталитарност на либералната демократија што премногу заличува на фашизам, и истата индиферентност кон етиката и знаењето, истиот историски ревизионизам и истото исчезнување на консензусот околу најосновините факти. Чувајте го, затоа, умот и силите за борба со вистинските закани.

(Објавено во „Слободен печат“)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...