При крајот на 2020 година во Скопје ќе се отвори една нова врата која ќе претстави нов урбан и современ дел на македонската престолнина на местото на стариот Скопски саем. Мултифункционалниот комплекс кој на едно место комбинира шопинг, забава, социјализација, домување, работа и бизнис, ќе биде прв од ваков тип во регионот.
„Ист гејт“ ќе биде нов модерен простор на само три километри од плоштадот „Македонија“. Инвестицијата изнесува 350 милиони евра и ќе се реализира на вкупна површина од 500.000 м2 со три засебни целини: трговски центар со вкупна површина за изнајмување од 53.000 м2 со 250 продавници, резиденцијален комплекс од 10 згради со 1.600 станови и пет бизнис центри со 66.000 нето површина за издавање со што ќе претставува најголема проектна инвестиција во Македонија досега.
Доминантен акционер е групацијата „Балфин“, која учествуваше во изградбата на „Скопје сити мол“, а идејниот дизајн на целиот комплекс е на познатиот турски архитект Керен Јазбен.
– Направивме две физибилити студии и по деталното истражување на пазарот се покажа дека постои доволно површина за да функционира уште еден мол во Скопје – рече Игор Давков, извршен директор на „Ист гејт“ на денешниот брифинг со новинарите.
Процесите на изградба ќе бидат поделени во пет фази и ќе се одвиваат во период од пет до седум години. Прво ќе се градат шопинг молот и четири станбени згради. Молот ќе биде на два ката со подземен паркинг, се очекува да се изгради за 18-19 месеци и да се отвори на есен во 2020 година.
– Молот е природен магнет за развој на резиденцијален комплекс – додаде Давков објаснувајќи дека прво ќе се изградат 4 од предивдените 10 станбени згради.
Во четирите згради ќе има 670 станови за продажба, а само 15 отсто од нив ќе бидат со поголема квадратура, останатите ќе бидат мали станови и станови со две спални. Зградите ќе имаат брановидна форма, ќе бидат оддалечени една од друга 36 метри и ќе овоможат циркулација на воздухот. Станбените згради ќе бидат пониски од хотелот „Континенттал“ кој е во непосредна близина. На целата површина ќе има 37.000 м2 зеленило.
Изградбата ќе се финансира 60 отсто од кредити од локални банки, а 40 отсто ќе биде инвестиција од акционерите.
Проектот ќе донесе повеќе од 2.000 нови работни места во продавниците и стотина за одржување на молот.
– Се очекува молот годишно да прави профит од 115-120 милиони евра и да даде огромен придонес за економскиот развој на Скопје. Очекуваме и странски туристи да запираат тука на пат кон Грција – рече Давков.
Во молот се очекуваат триесеттина нови брендови кои досега не биле присутни во Македонија, а голем дел ќе биде наменет за забава, ќе има кино, како и неизбежен агол за ресторани.
Градежните работи ќе започнат на пролет следната година, при што ќе им се даде предност на македонски градежни компании зашто „Ист гејт“ претпочита да работи со домашни производители, но нема да бидат изоставени и странските компании за експертизата за која што се потребни.
Во однос на комерцијалните пет згради или таканаречениот бизнис парк сѐ уште не е затворена финансиската конструкција и тие засега се последни во планот за изградба. Бизнис паркот ќе даде нова бизнис димензија и решение за преоптовареното централно подрачје и ќе привлече странски и домашни инвеститори кои сакаат да ги консолидираат своите бизнис активности на едно место.
Овој комплекс ќе го унапреди Скопје во насока на модерен град и ќе ја зголеми вредноста на Општината Гази Баба со содржина, инфраструктура, уредени паркови и зголемена фреквенција на посетители.