Истрајни во визиите и упорни во барањата

Застапувајќи ги заедничките интереси на членовите, Комората придонесува за подобрување на ефикасноста на работата и работењето на членовите и нивната организираност.

344

Несомнен е придонесот на Стопанската комора на Македонија во вкупниот економски живот и во профилирањето на економскиот амбиент во државата. Таа била, е и ќе биде место каде се обединуваат и застапуваат интересите на стопанствениците, каде се презентираат и соочуваат нивните согледувања и проекти и каде се предлагаат и се изнаоѓаат решенија на прашањата и проблемите кои се неизбежни во деловното работење. Стопанската комора истовремено е активен партнер на Владата, со цел подобрување и развој на условите за стопанисување и конкурентноста на македонското стопанство, како еден од предусловите за стабилност на општеството.

Ставовите и предлозите на бизнис-заедницата се базираат на нови идеи и иницијативи, можности и афирмирање на веќе докажаните и ефикасни решенија. Оваа значајна улога на Комората и нејзиното место во економскиот систем на државата се потпира врз нејзината стручност, оперативност, креативност и аргументираност за сите прашања од интерес на стопанството.

Застапувајќи ги заедничките интереси на членовите, Комората придонесува за подобрување на ефикасноста на работата и работењето на членовите и нивната организираност. Комората ги застапува интересите на своите компании-членки пред надлежните државни органи и институции, посебно во подготвувањето на стопанското законодавство, мерките и механизмите на стопанскиот систем и економската политика и утврдувањето на макроекономската и развојната политика, а подготвува и иницијативи за подготовки на законски и други прописи од областа на стопанството.

Ова, во суштина значи дека Комората не е само пасивен партнер на државната власт, чекајќи да биде консултирана за прописите што се од значење за стопанството, туку таа има проактивна улога, предлагајќи иницијативи за донесување или менување на прописите, со цел да се отстранат определени правни празнини или недоречености, кои создаваат проблем во практичната имплементација на регулативата, или пак да се уредат одредени прашања кои се од значење за подобрување на деловното работење.

Во таа насока, би ги споменала Иницијативата на Стопанската комора на Македонија за законско нормирање на холдингот, како форма за поврзување на компаниите за подобри деловни резултати (која сѐ уште не е прифатена, но се очекува да биде предмет на уредување при следните измени на Законот за трговски друштва, најавени за 2020 година); Иницијативата за воспоставување даночен календар, како временска рамка за измени во даночната регулатива која Комората ќе ја поднесе по заокружување на процесот на реконструкција на Владата; Систематизираните предлози за проблемите и прашањата од областа на градежништвото, кои опфаќаат неколку клучни закони како што се Законот за градење, Законот за градежни производи, Законот за просторно и урбанистичко планирање, подзаконската регулатива околу стандардите и нормативите за градење, на кои интензивно се работи во моментов со надлежните министерства; Предлозите во врска со Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи, како веќе завршен проект со позитивно искуство и прифатен голем број предлози од компаниите од оваа индустрија; Иницијативата за уредување на даночниот третман на кусоците во трговијата на мало и многу други иницијативи и предлози, чија реализација би довела до подобрување во деловното работење на компаниите-членки.

Вообичаено процесот на консултации околу предложените иницијативи со надлежните министерства, како овластени предлагачи на законите, се спроведува подолг период, често пати трае и неколку години, но целта е таквиот процес да се заврши со успех и да се создаде трајна и квалитетна регулатива, а со тоа да се зајакне правната сигурност и да се создаде предвидливо бизнис опкружување. Ова е од причина што честото менување на прописите, поради неприменливи законски решенија, доведува до проблеми во имплементацијата на прописите, а со тоа и одолговлекување во спроведувањето на она што е нормирано, што негативно влијае врз перцепцијата на потенцијалните инвеститори и претприемачите, кои очекуваат стабилност, предвидливост и квалитетна регулатива, која нема да биде подложна на чести промени.

Секако, не може да се очекува дека секоја иницијатива на бизнис-заедницата би била усвоена во целост и покрај фактот што се настојува предлозите да бидат добро образложени и поткрепени со компаративни анализи, но сепак, јасно е дека покрај интересите на бизнис-заедницата, постојат и други причини поради кои одредени иницијативи остануваат нереализирани или се пролонгираат, а тоа најчесто се случува поради финансиските импликации кои би настанале со прифаќањето на определени предлози, бавноста на администрацијата, потребата од усогласување со други прописи кои повлекуваат и нивни измени, противречните интереси на различни засегнати страни (често и на два различни стопански сектора) и слично. Но, исто така, факт е дека улогата на Стопанската комора на Македонија, како бизнис-асоцијација е да биде активен партнер во создавањето квалитетна и применлива правна регулатива, а тоа не може да се реализира без истрајност во визиите и упорност во барањата и иницијативите!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...