Еден од двајца граѓани (47,1%) е против каква било промена на името, што по растот во 2013 година (62,3%), е враќање на нивото од 2010 година (48,4%). Иако мнозинството етнички Македонци (59,6%) се за никаква промена, сепак за забележување е намалување на овој став во однос на 2013 година (79,7%). Ова го покажаа резултатите од истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје (ИДСЦС). „Ерга омнес“ е најмалку прифатливо решение и овој став е повисок од сите претходни истражувања.
Јазот меѓу етничките Македонци и етничките Албанци во однос на решението се продлабочува. Па така, кај ставовите за „зачувување на името“ наспроти „евроатлантските интеграции“, 44,6% од етничките Македонци би избрале зачувување на името, а 90,1% етнички Албанци би избрале евро–атлантски интеграции. Јазот би бил најдлабок во случај на референдум за промена на името, на кој 85% етнички Албанци би гласале „да“, наспроти 62% на етнички Македонци кои би гласале „не“.
Споено име (пр. Горнамакедонија) е неприфатливо за големо мнозинство граѓани (79,1%), што е уште поизразено меѓу етничките Македонци (89,9%). За половина од граѓаните (44,9%), како и за мнозинството етнички Македонци (55,1%), не е прифатлива ниту една географска одредница. За граѓаните е прифатлива неексклузивна употреба на поимот Македонија од двете земји (53,5%). Вкупно 71,7% од граѓаните се против промена на МК-кодот на земјата, односно интернет-кодот (69,2%). Мнозинството на граѓани (51%), целосно или донекаде, не го оправдуваат преименувањето на аеродромот и автопатот. На 65,6% граѓани, не им е прифатливо отстранување на споменикот „Воинот на коњ“. Додека тоа е неприфатливо за 77,9% од етничките Македонци, тоа е прифатливо за 69% од етничките Албанци.
Најсоодветен момент за стапување во сила на договорот за 35,6% од граѓаните е кога Македонија ќе стане членка на ЕУ. Причината за тоа е да се одбегнат нови условувања од Грција. Идентитетот продолжува да биде гранитна црвена линија. Дефинирање националност и државјанство како македонски, прифаќаат 47,9%, одредени варијации како латинична или двојна употреба прифаќаат 25,3%, а дефинирање како граѓанин на Република Горна Македонија прифаќаат 14,4% граѓани. Слични се ставовите и за дефинирање на јазикот. Граѓаните ги сметаат јазикот (27,45%), Уставот (23,5%) и државјанството (23,1%) за најважни за зачувување на идентитетот на македонскиот народ.
Скоро половина од граѓаните (45,1%) веруваат дека со промена на уставното име ќе се промени идентитетот, 17,8% сметаат дека во ниедна ситуација нема да се промени македонскиот идентитет. Против каква било промена на Уставот се 48,3% граѓани, без разлика дали се тоа одредби за името или за други прашања. Промена на Уставот за дефинирање на меѓународно име е прифатлива за 18,3% од граѓаните.
„Зачувување на името наспроти евроатлантските интеграции“ се главните фактори кои влијаат на спорот за името. За првпат откако се прават истражувањата, евроатлантските интеграции (49,7%) имаат приоритет наспроти зачувување на името (35%). Нерешавањето на спорот со името, според граѓаните ги става под закана евроатлантските интеграции, економскиот раст и меѓуетничките односи. Решението, пак, од друга страна, носи закана од грчки барања за нови отстапки, внатрешни поделби и судири, и неподготвеност на ЕУ за проширување. Се чини дека доживувањето на овие закани за опстанокот на нацијата, се главен двигател во одбивање договор со Грција.
Мнозинство граѓани (55,1%) смета дека не постои широк договор, односно национален консензус. Исто така, не постои јасна перцепција која е позицијата на Владата во спектарот од никаква промена до ерга омнес. За граѓаните, на страната на „зачувување на името“ се Ѓорге Иванов, Претседателот на Републиката и ВМРО-ДПМНЕ, а на страната на „евроатлантските интеграции“ Владата и СДСМ, како и ДУИ и Беса. Повеќе граѓани (41,7%) не би гласале на следните избори за партијата што ќе го реши спорот за името, наспроти 36% кои би гласале „за“.
Очекувањата граѓаните да се изјаснат на референдум е во постојан пораст, и во 2018 година изнесува 71,4%, од 2010 година е 54,4%, на 64% во 2011 година и 66,3% во 2013 година. Се чини дека членството во ЕУ е фактор кој може да влијае на исходот на референдумот. Додека граѓаните би одбиле промена на името, 50,2% против и 41,5% за, ставовите се менуваат доколку промената на името е кога земјата ќе стане членка на ЕУ, во кој случај 45% се против и 47,6% се за промена. Ова е промена во однос на 2013 година, и гласањето против е намалено за приближно 10-процентни поени (2013 година 62,7% против, 58,4% против при членство во ЕУ).
Додека секој втор граѓанин (48%) посакува решение во рок од една година, такви очекувања има секој четврти граѓанин (26,3%). Очекувањата се зголемени во однос на 2013 година, и намален е ставот дека никогаш нема да има решение. Мнозинството на граѓаните (62,9%) сметаат дека постои интерес на големите сили за решение, а трети страни кои можат да придонесат се САД и ЕУ.
Односот меѓу „зачувување на името“ и „евроатлантските интеграции“, може да биде под влијание на прашањата на идентитет (Устав, јазик, националност), како и стравувањата од барањата на Грција од нови отстапки и внатрешни поделби и судири.
За МЦМС и ИДСЦС, анкетата ја спроведе М-проспект. Податоците беа прибирани со теренска анкета во периодот од 5 до 20 април 2018 година. Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1004 испитаници. Популациската рамка на примерокот беше население постаро од 18 години, а критериуми за репрезентативност беа: пол, етничка припадност, возраст, место на живеење и региони.
Целосниот извештај можете да го најдете на https://bit.ly/2KOOrIM и на http://idscs.org.mk/mk/publikacii/.