Истражување: Договорот од Преспа негативен за шест од 10 Грци

Поконкретно 15 проценти одбрале позитивно, 12 отсто веројатно позитивно, 48 отсто одговриле сигурно негативно, 14 отсто веројатно негативно, а 11 проценти не знам/ не одговарам.

168

Веројатно негативно или сигурно негативно го оценуваат шест од 10 Грци Договорот од Преспа, покажува новото истражување на јавното мислење спроведено од агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија Скај.

На прашањето „од она што го имате слушнато и го знаете, лично вие, како го оценувате Договорот што Владата го потпиша во Преспа со поранешната југословенска Република Македонија?“, 27 отсто од граѓаните одбираат еден од позитивните одговори, еден од негативните одговори одбрале 62 отсто, а 11 проценти рекле дека не знаат или одбиле да одговорат.

Поконкретно 15 проценти одбрале позитивно, 12 отсто веројатно позитивно, 48 отсто одговриле сигурно негативно, 14 отсто веројатно негативно, а 11 проценти не знам/ не одговарам.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во однос на политичката определеност, односно за кого гласале анкетираните на последните избори во 2015, резултатите од истражувањето покажуваат дека 51 отсто од гласачите на владејачката СИРИЗА го оценуваат сигурно позитивно или веројатно позитивно договорот (34 отсто односно 17 проценти), а 40 проценти сигурно негативно или веројатно негативно (27 проценти, односно 13 проценти).

Речиси девет од 10 (86 проценти) од гласачите на Нова демократија дале сигурно негативна (70 отсто) или веројатно негативна (16 отсто) оценка за договорот, а само 10 отсто го оцениле сигурно позитивно (5 отсто) или веројатно позитивно (5 отсто) решението меѓу Македонија и Грција.

Во однос на политичката сцена во Грција, според истражувањето, Нова демократија и понатаму е во предност пред СИРИЗА со 11,5 проценти разлика, додека пак коалицискиот партнер во Владата Независни Грци, останува вон парламентот.

На прашањето доколку следната недела се одржат избори, за кого би гласале, три од 10 Грци ја одбрале најголемата опозициска партија. И понатаму голем е бројот (21%) на оние кои се неодлучни, не одговориле за кого би гласале, рекле дека нема да излезат на гласање или би го направиле ливчето неважечко.

Поконкретно, од анкетираните за Нова демократија се изјасниле 31 проценти, за СИРИЗА 19,5 отсто, Златна зора 6,5, Движење за промена 6,5, Комунистичка партија на Грција 5,5 проценти, Сојуз на централисти 2 проценти и за Независни Грци 1,5 отсто

Истражувањето на агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија Скај  било спроведено во периодот од 24 до 26 јуни, а учествувале 1.323 лица со право на глас.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...