Истражување: Антиваксерското движење е поврзано со популизмот

73

Последната студија објавена во Европскиот весник за јавно здравство открива поврзаност помеѓу поддршката за популистички политички партии и отпорот кон вакцинирањето.

Додека сѐ повеќе земји во Европа се соочуваат со зголемена стапка на епидемија на морбили и пад на бројот на родители кои ги вакцинираат своите деца, студијата покажува дека има голема поврзаност помеѓу лицата кои гласаат за популистички партии и верувањето дека вакцините се неважни.

– Колебливоста кон вакцините и политичкиот популизам се водени од слични динамики: длабока недоверба во елитите и експертите, пишуваат авторите на студијата.

Тие истакнуваат дека е важно за сите релевантни актери во јавното здравство да работат на враќање на довербата на родителите кои се против  вакцините, но дека стратегијата има ограничувања.

– Општата недоверба кон елитите и експертите која стои зад колебливоста за вакцините ќе биде тешко решлива ако не се решат и причините кои стојат зад неа – политичката обесправеност и економската маргинализација на големи делови на населението во Западна Европа, предупредуваат авторите.

Според Светската Здравствена Организација, антиваксервството е една од најголемите безбедносни закани во 2019 година.

Во Франција, 20 отсто од населението нема доверба во вакцините, а шефицата на екстремната десница, Марин Ле Пен, отворено се спротивстави на задолжителното вакцинирање. Слично и во Италија, владејачката партија Пет ѕвезди со години води антиваксерски кампањи. И двете земји се соочуваат со загрижувачки стапки на епидемија на морбили.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...